Најважни Свет

Повредени полицајци, новинари и уапсени 70-тина демонстранти по жестоките судири на протестите во Белград

Хаосот на улиците на Белград не запира. Жесток напад на демонстрантите против полицијата , повредени припадници на безбедносните сили,  нападнати и повредени новинари и уапсени дел од најжестоките демонстранти е епилогот од вчерашното насилство и безредијата во главниот град на Србија.

Директорот на српската полиција, Владимир Ребиќ, потврди дека во канонадата камења, запалени факели и други разновидни предмети биле повредени 14 полицајци , а 130 побарале медицинска помош, додека била уапсени и 71 лице.

Во целиот метеж повторно страдаа новинарите. Двајца фоторепортери на новинската агенција Бета биле повредени со фрлени предмети а подебелиот крај го извлече Милош Мишков кој бил погоден со цигла во главата и раната морала да му биде санирана во ургентниот центар, каде е задржан на набљудување.

Станува збор за опасен развој на настаните, оценува во изјавата за Телма, Војислав Милованчевиќ, новинар за порталот нова.рс, кој пред два дена исто така беше нападнат од дел од радикалните демонстранти.

Мене хулиганите, јас сакам да кажам уфрлените елементи на протестот ме нападнаа. Моите колеги и колешки ги нападна полицијата со пендраци и ги удираше а претходната вечер исто така имавме напади на новинарите од страна на учесниците на протестите. На колегата Петар Гајиќ од Н1 му беше избиен микрофонот од страна на еден учесник на протестите. На колегите од Ал Џезаира Балканс им беше уништена опремата. Уште еден колега од новинарската агенција Бета е повреден во главата, колку што разбрав има фрактура и беше задржан во ургентниот центар, вели Милованчевиќ.

Она што е очигледно е дека мотивите на учесниците на протестите во Белград не се идентични за сите. Граѓаните кои се незадоволни од режимот на Вучиќ, кој го сметаат за анти-демократски и манипулативен, се обидуваат на мирен начин да го изразат незадоволството и бесот од тоа што се случува во државата.

Но исто така на улиците излегоа и припадниците на десницата, кои скандираат дека не го даваат Косово и го критикуваат Вучиќ како предавник на српските национални интереси. Целиот хаос дополнително го зголемуваат сомневањата дека меѓу демонстрантите се уфрлени и припадници на тајната полиција, кои намерно предизвикуваат инциденти, за да се делегитимираат барања на мирните демонстранти.

Сомнителен и различниот пристап на полицијата кон мирните демонстранти како и кон оние кои се најнасилни на улиците во Белград, забележува во изјавата на Телма, новинарката Весна Малишиќ.

Првата вечер беа натепани граѓаните, кои не влегуваа во собранието, кои не ја гаѓаа полицијата со камења. Синоќа имавме екстремно однесување на демонстрантите , но и полиција која беше дефанзивна, која на крај фрлаше солзавец и апсеше, но не ги извадија пендреците. Значи, кон оние кои беа екстремно насилни, не употребија сила како против граѓаните кои беа навистина мирни демонстранти. Власта сфати дека расте незадоволството и на некој начин се обиде, јас така мислам, преку уфрлување на различни групи и создавање на хаос таа прва вечер, да ги компромитира. Ова што беше синоќа, тоа беше..јас такво нешто во Белград никогаш не сум  видела, подвлекува Малишиќ.

 

Српските медиуми јавија и дека Љубислав Ѓокиќ, подобро познат како багеристот Џо, еден од симболите на демонстрациите од 5-ти Октомври 2000-тата година, кога беше срушен режимот на слободан милошевиќ , починал денеска во Белград, во 77-та година од животот.

Тој и претходни денови учествувал на протестите против власта на Вучиќ.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

На моќниот филмски продуцент Вајнстин, судот во Њујорк му поништи една од пресудите за силување

Дејан Дејан

Во урнатините на Кан Јунис пронајдени 392 мртви тела

Дејан Дејан

За ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ не е опција ни за формирање на влада

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе