Бразилскиот претседател, Жаир Болсонаро е заразен со коронавирусот. Својот 4-ти тест Болсонаро го направи вчера, откако му се појавиле симптомите, вклучувајќи ја и високата температура.
Болсонаро во континуитет го потценуваше ризикот кој го претставува коронавирусот, опишувајќи го како “мало грипче” и порачувајќи дека тој нема да има никакви сериозни последици, доколку евентуално се зарази.
Тој постојано апелираше и до регионалните гувернери да ги олеснат мерките на карантин, кои според него и штетат на економијата а вчера ги ублажи и правилата за носење маски во државата.
Болсонаро соопшти дека е позитивен во денешното телевизиско интервју, додавајќи дека високата температура која ја имал сега е намалена и дека се чувствува многу добро.
Белите дробови беа чисти, немаше ништо темно, што е позитивен знак дека не е сериозно, но заради симптомите, медицинскиот тим одлучи да ми даде хидроксихлорокин. Првата таблета ја земав вчера, пред 17 часа. –Азитромицин исто? –Да и азитромицин, изјави бразилскиот претседател Болсонаро.
Радикалниот десничар, Болсонаро, често се појавуваше во јавноста без маска, се ракуваше и гушкаше со своите поддржувачи, игнорирајќи ги препораките за социјална дистанца и носење маски. Тврдеше дека нема начин да се спречи околу 70% од популацијата да се разболи од Ковид 19.
Бразил, 6-тата најнаселена држава во светот со повеќе од 210 милиони жители е едно од најголемите светски жаришта на пандемијата.
Повеќе од 65 000 бразилци починаа досега од Ковид 19 а над 1,5 милион луѓе се заразени. Со двете бројки, Бразил е веднаш зад САД.
Во текот на викендот, Болсонаро, со американскиот амбасадор во Бразил го прославуваше 4-ти јули, денот на независноста на САД.
На објавената фотографија на социјалните мрежи, Болсонаро го прегрнал американскиот амбасадор во весела атмосфера а никој од присутните не носи маска.
Американската амбасада соопшти дека амбасадорот Тод Чепмен не покажува никакви знаци на болеста, но сепак ќе биде тестиран.
Никола Илиевски