Муралот насликан на фасадата на некогашното кино „Партизан“ во Битола кој пренесува пораки за заедништво, осамна со графити кои содржат говор на омраза. Уништен е по само 24 часа откако беше промовиран на симболичното отворање на јубилејното 15 издание на фестивалот АКТО, а испишан е стих од „Песната за солидарност“ на Бертол Брехт. Автори се уметници од колективот КУРС од Белград, а изработен е во соработка на Народниот театар од Битола и АКТО фестивалот.
„АКТО и Народен Театар Битола како и пошироката локална и национална уметничка заедница, на огромно задоволство ги прими колегите од колективот КУРС од Белград да работат во нашиот град и да пренесуваат пораки на заедништво, солидарност и пркос кон национализмот и ксенофобијата. За жал, сведоци сме дека општеството сеуште е загадено со национализам и нетрпеливост кон различностите. Ние ќе продолжиме да се бориме за праведно општество за сите. Борбата за вредности продолжува!“ реагираат од АКТО фестиавлот.
Организаторите ги повикаа надлежните да ги откријат сторителите на овој вандалски чин. Ова не е првпат во Битола да осамнат графите со националиситички содржини , а често со вакви пораки со говор на омраза се уништуваат фасади на училишта, згради, споменици. Минатата недела со боја беа потурени спомен бистите на партизаните во алејата на градското шеталиште.
Емилија Мисирлиевска