Музејот на современа уметност е домаќин на големата постхумна ретроспективна изложба на уметникот Симон Узуновски. Изложбата под наслов „ Пат за Волкодери- Ретроспектива“, ќе биде отворена во вторник (13.септември), во 20 часот.
Изложбата е фокусирана на творештвото на Симон Узуновски ( архитект, концептуален уметник и сценограф), кој својот пробив на домашната ликовна сцена го направи во 70-ти години на 20 век. Со својот радикален пристап, Узуновски делуваше против востановените конвенции и стереотипи на дотогашната ликовна сцена во Македонија. Неговиот богат и разновиден творечки опус беше граден безмалку половина век. Делата беа создавани во различни медиуми, но клучен белег за Узуновски е употребата на селотејп лентите како материјал за креирање на неговите дела.
На изложбата ќе бидат застапени повеќе од 100 дела. Меѓу нив има објекти, фигури, колажи, цртежи, асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија. Неповторливите инсталации, перформанси и акции во кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика за создавањето или изведбата на повеќе негови дела, ќе бидат претставени со обемна фото документација. Таа ќе го долови времето на 70-те години и ентузијазмот и енергијата со кои уметникот успеја да ја прошири идејата за демократизацијата на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите од секојдневниот живот.
Историчарите на уметност Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување во 70-те години на 20 век, ќе го претстават творештво на Симон Узуновски, кој важи за пионер на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.
Узуновски почина во Скопје 2018 година, на 69 годишна возраст.