Литванија, Естонија и Летонија го ставија денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко, како и 29 високи функционери од земјата на црна листа за забрана на патувања, обвинувајќи ги за изборен фалсификат и репресија на продемократските протести.
Балтичките земји членки на НАТО и ЕУ, најавија санкции во согласност со координираните напори за поддршка на протестите во соседна Белорусија, кои започнаа на 9 август после одржувањето на претседателските избори.
Според официјален Вилнус, ова е првата листа, која во меѓувреме ќе биде проширена, за да се санкционира белоруското политичко раководство за нерегуларностите и манипулациите за време на изборниот процес.
Белоруското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека на еквивалентен начин ќе одговори на санкциите воведени од трите балтички држави врз белоруските власти, нарекувајќи ги избрзан чекор.