Продолжуваат протестите во Висконсин и други американски држави, втора ноќ по ред, предизвикани од последниот инцидент кога припадници на полицијата застрелаа со огнено оружје млад афро-американец.
Протестите кои започнаа мирно, повторно ескалираа во судири меѓу демонстрантите и полицајците.
29 годишниот Џејкоб Блејк е во стабилна здравствена состојба откако беше застрелан во грб, кога ја отворил вратата на својот автомобил во градот Кеноша.
На видео снимката од инцидентот во Кеноша, направена со мобилен телефон и споделувана вирално на социјалните мрежи, се гледа како Блејк ја отвора врата од своето возило, по што еден од полицајците го повлекува за маицата и од непосредна близина пука 7 пати во неговиот грб.
Според партнерката на Блејк, Лакиша Букер, нивните три деца биле на задните седишта во автомобилот и виделе како нивниот татко е застрелан.
Според неговиот адвокат, тој се обидел да спречи локален инцидент и тепачка во населбата, кога полицијата интервенирала.
“Секогаш е истата ситуација. Рацете горе, не пукајте. Тоа го правиме ние. Рацете горе, не пукајте. Но дали тоа е важно? Не, затоа што е залудно. Повторно пукаат во нас. Како во овој млад човек, тој беше застрелан. И каде е сега? Во болницата, затоа што полицијата сака да користи прекумерна сила” – вели Квентин Помпи, жител на Кеноша.
Полицијата тврди дека нивните припадници одговарале на повик за домашно насилство, но без детали зошто еден од полицајците употребил огнено оружје.
Гувернерот на Висконсин, Тони Еверс, ги повика припадниците на националната гарда да и помогнат на локалната полиција.
Оваа одлука се објаснува како обид да им се помогне на безбедносните сили да ги заштитат најважните објекти а распоредени биле околу 200 припаднци на гардата. Сепак гувернерот и неговиот заменик, го осудија застрелувањето на младиот афроамериканец.
“Како кај многумина од вас, ова видео е врежано во мојот ум, како и многу други видеа кои се исти како тоа. Тоа е видео кое јас највеќе би сакал да не морам да го гледам. Но, иронијата е очигледна за мене. Џејкоб Блејк се обидуваше да помогне за смирување на конфликт во својата заедница, но за жал полицаецот не чувствувал потреба да го направи истото. Сега сите го знаеме името на Џејкоб Блејк” – порача заменик-гувернерот на Висконсин, Мандела Барнс.
Во обид да ги спречат безредијата, властите во Висконсин прогласија и полициски час во Кеноша од 20 часот локално време до 7 часот наутро, но тоа не ги поколеба дел од демонстрантите.
Повеќе стотици демонстранти протестирале и пред полициската станица и други јавни објекти барајќи апсење на полицајците инволвирани во инцидентот.
Во безредијата запалени биле и повеќе згради и автомобили.
Овој инцидент следува неколку месеци откако убиството на уште еден припадник на црната раса, Џорџ Флојд, во Минесота во мај предизвика масовни протести против расизмот и полициската бруталност.
Овие демонстрации во американските градови прераснаа во поширока форма на протест против третманот на афро-американците од полициските сили како и проблемот на институционалниот расизам во САД.
Никола Илиевски
