Во делчевскиот регион во радиус од 10 километри од местото каде што се појави Aфриканската свинска чума во тек е пописот, но и утврдување на нерегистрирани одгледувалишата на домашни свињи. Регионалниот инспектор Ванчо Новоселски за Телма вели дека очекува овој вонреден попис да заврши утре, а се очекува првичната бројка од 740 да се зголеми и да изнесува околу 1.000 свињи на оваа територија.
Веднаш по утрешното завршување на пописот ќе почнат и клиничките прегледи и тестирања на свињите, кои во рок од 24 до 48 часа треба да покажат дали има или не Aфриканска свинска чума. Доколку резултатите се негативни ќе бидат транспортирани во кланици, а доколку се позитивни тогаш се уништуваат во специјална јама.
Покрај делчевските села, во радиусот од 10 километри се опфатени и четири населени места во Македонска Каменица и едно во Виница. Инспекторите до сега немаат наидено на проблеми на терен.
Инаку и на територија на целата држава во тек е пописот на свињите. Досега во Пијанечкиот регион не е регистриран сомнителен или потврден случај на оваа заразна болест кај свињите, која може да го загрози македонското свињарство, бизнис на 11.000 семејства, а тежок 180 милиони евра.
Во тек е и забраната на ловот на дивите свињи во пијанечко, жител на селото Габрово деновиве снимил дива свиња на локалниот пат, која од шумата се симнала во близина на селото во потрага по храна. Ловџиите велат дека тоа е нормално бидејќи бараат храна во текот на зимато. Пред да стапи забраната на сила ловџиите отсрелале околу 130 диви свињи.
Викторија Димитрова Јованова
