Една минута по полноќ, додека сите прославуваа и си честитаа Нова година, на Гинекологија се роди Михаил, првото бебе во 2022 година.
Ова е спонтано породување на четвртото дете во фамилијата Стошиќ.
Минута после Михаил се роди и Теодора, второто новороденче, со царски рез. Билансот на ГАК е три бебиња во првите часови од новата година.
Третото е родено во Ковид-центарот. Министерот за здравство утрово традиционално ги посети мајките на Клиниката, но овој пат после неколку децении непридружуван од првиот човек на Градот Скопје.
Градоначалничката Арсовска одбра да не ја продолжи таа традиција и реши самата, далеку од камерите на медиумите да отиде во визита.
„Посакувам да расте здраво, да биде успешно. Има 3 килограми и 70 грама и има 50 центиметри. Првото е со спонтано породување, второто со царски рез и е женско бебе, има 3 килограми и 50 грама и исто така 50 центиметри. Тоа е прво бебе на мајката Симона Петровска“ изјави д-р. Венко Филипче, министер за здравство.
„Сите деца породени после полноќ се добри, вклучувајќи го и тоа бебе коешто утрово се роди во Ковид-центарот, а исто така и мајката е добра, спонтано породена и набрзо ќе замине дома“ вели д-р. Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Додека дежурниот персонал на Гинекологија вредно си ја одработуваше ноќната смена, насекаде луѓето еуфорично ја дочекуваа Новата година.
Некои малку поеуфорично од другите, па влегоа во статистиките на Клиниката за токсикологија.
„Во текот на новогодишната ноќ имаше над 20 прегледани пациенти од кои 17 беа алкохолни токсикации. Од нив 10 беа мажи, а 7 жени. Имаше само 7 малолетници, а најмладиот пациент беше 14 годишен. Најстариот на 62 годишна возраст“ изјави д-р. Ридван Бајрами, директор на Клиниката за токсикологија.
Иако за поголемиот дел од луѓето вечерта на 31 декември е во фокусот на прославата, една скопска традиција живее веќе 94 години, а тоа е првото утро новогодишно, во скопската кафана „Идадија“.
Весели и распеани, дебармаалци ја продолжија традицијата и го прославија новиот почеток.
„Дебармаалци, да сте живи и здрави. Господ да Ви даде сè што не можете со пари да купите. Исто така и на сите во Македонија“ изјави Диме Синадинов, Дебармаалски кум.
Најголемиот број од повиците во Брза помош биле заради алкохолизирани лица, но во релативно мирната новогодишна ноќ имало и неколку физички пресметки како и една посериозна сообраќајна несреќа.
Петар Догов
