Во раните денови на пандемијата на коронавирус, кога кинеската влада се обиде да го спречи ширењето на вирусот, известувањето за состојбата со инфекциите во земјата не беше претерано толерирано.
„Утро е, 00:40 часот, се слуша звукот на крематориумот. Тие работат дење и ноќе“, рече Џанг Жан во видеото од февруари 2020 година, едно од десетиците што ги објави на YouTube.
Во мај таа за NBC News коментираше дека „засега се е во ред“ и дека не е уапсена.
„Не ме уапсија. Сепак, не знам што ќе се случи ако продолжам“, изјави тогаш Жан.
Џанг исчезна тој месец. Нејзиниот адвокат подоцна потврди за NBC дека во декември во судот во Шангај била осудена на четири години затвор поради „предизвикување проблеми“.
„Можеби нема да ја преживеат претстојната студена зима“
Таа е една од најмалку 10-те новинари и коментатори кои се обидоа да извршат притисок врз кинеските власти во раните денови на пандемијата да бидат потранспарентни, а кои подоцна беа приведени. Иако многу други оттогаш беа ослободени, Џанг се уште е во затвор, а нејзиното семејство и пријателите стравуваат дека таа би можела да умре од штрајк со глад.
„Таа се залага за вистината, се залага за правда. И го претставува најдоброто од Кина“, рече активистката Џејн Ванг од Велика Британија, која води кампања за ослободување на новинарката.
Братот на Жан, Џанг Џу, во октомври напиша на Твитер дека неговата сестра сега тежи помалку од 41 килограм.
„Тие можеби нема да ја преживеат претстојната студена зима“, напиша тој.
Кинеската амбасада во Британија наведува дека земјата се грижи за здравјето на затворениците и дека нивното право на медицинска помош е „целосно загарантирано“.
Жанг е една од најмалку 127 професионални и граѓански новинари приведени од кинеските власти. Обединетите нации повикаа на нејзино „итно и безусловно“ ослободување. Минатиот месец Репортери без граници и ја доделија наградата на Џанг за храброст.
Џанг која е поранешна адвокатка, им била позната на кинеските власти уште пред да објави за пандемијата. Во септември 2019 година, таа учествуваше во продемократски протести и повика на укинување на монополот на Комунистичката партија. Властите ја приведоа и таа помина повеќе од два месеци во затвор. Таа и тогаш штрајкуваше со глад во затворот.
