Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска за време на работната посета на Катар оствари средба со претседателот на Владата и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани.
На средбата, како што објави Муцунски на Фејсбук, биле потврдени одличните билатерални односи и биле разгледани можностите на нивно продлабочување, особено во сферата на економијата.
Работната посета на Државата Катар ја започнав со значајна и исклучително продуктивна средба со претседателот на Владата и министер за надворешни работи, шеикот Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани. Ги потврдивме одличните билатерални односи и ја реафирмиравме заедничката определба за нивно натамошно унапредување преку продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на економската и инвестициската соработка – нагласи Муцунски.
Тој информира дека на средбата размениле мислења и за актуелните регионални и меѓународни прашања, со фокус на состојбите на Блискиот Исток и пошироката меѓународна безбедносна средина, како и за натамошното унапредување на соработката во рамките на мултилатералните организации.
За време на разговорите ја потврдивме заемната подготвеност за понатамошно продлабочување на односите меѓу двете држави.
Оваа посета, заедно со потпишувањето на повеќе билатерални документи, ќе внесе нова динамика во нашата севкупна соработка и ќе отвори нови можности зa соработка – истакна шефот на дипломатијата.
