По 11 дена откако 14-годишно момче беше избодено во скопската населба Ченто и по притисокот од јавноста откако се дозна за случајот, полицијата поднесе кривична пријава против три лица за „насилство врз дете“. Осомничените се поврзасни од малолетникот, односно двајца имаат по 19 години и еден е на возраст од 23 години.
„СВР Скопје – Единица за насилен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Ј. (19), В.С. (23) и В.А. (19), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено Кривично дело „насилство врз дете“ по член 201-а од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Полицијата додава дека на 22 јуни момчето во паркот на улица „Финска“ било нападнато од осомничените кои употребиле тврд предмет и со нож му биле нанесени повреди.
„Од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и пронајден бил ножот со кој било извршено кривичното дело и бил предаден на вештачење, а по преземени мерки пријавените биле лишени од слобода и со нив бил извршен службен разговор“, додаваат од МВР.
Од обвинителството соопштија дека ја добиле пријавата и велат дека не се врзани со квалификацијата на кривичното дело и ја чекаат медицинската документација од ТОАРИЛУЦ, каде била хоспитализирана жртвата.
„Се очекува комплетирање на медицинската документација, по што ќе биде донесена одлука за натамошна постапка за која јавноста ќе биде известена“, информираат од Јавното обвинителчство.
Мајка на жртвата Џељана Селими претходно изјави за Телма дека не знае што е мотивот за нападот. Таа изрази сомнеж дека институциите сакаат да го заташкаат случајот, а сторителите треба да одговараат за обид за убиство.
Марија Митевска
