Вести Економија Топ вести

Развоен буџет или признание за лоша економија? – Ребалансот ги судри власта и опозицијата

За владата развоен, за опозицијата признание за лошо водење на економијата. Прекројувањето на државната каса повторно ги отвори политичките и економски дебати на пратениците.

Од опозицијата обвинуваат дека ребалансот нема да донесе подобар животен стандард, инфлацијата ќе продолжи да ги јаде платите, додека капиталните инвестиции владата ги користи како оправдување за новото зголемување на буџетскиот дефицит.

„Капиталните расходи се зголемени за околу 5,8 милијарди денари, но, исто така, субвенциите и трансферите растат за над три милијарди денари, социјалните за над две милијарди денари, а платите за околу една милијарда денари, затоа не може целото зголемување на дефицити да се објасни како развојна инвестиција и затоа не може ребалансот да го карактеризира како капитален, тој е повеќе тековен“, изјави Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет.

Од друга страна, пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Стојановски кажа дека со ребалансот се оди во развојна насока.

„Кога капиталните расходи растат за речиси шест милијарди денари, не зборуваме за празна потрошувачка, туку за патишта, железници, водоводи, канализации, здравствени установи, училишта, студентски домови, спортски објекти и проекти за животната средина“, изјави пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

Со свои забелешки излезе и народниот правобранител. Со немањето доволно средства за нив, се руши независноста на институцијата.

Чуварот на државната каса, минисерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, пак, во неколку минути го образложи ребаласот на буџетот.

„Нашата определба е јасна. Капиталните инвестиции да бидат двигател на економскиот раст и инструмент за подобрување на животот на граѓаните. Остануваме посветени на фискалната консолидација и постепено намалување на дефицитот и одржување на јавниот долг на одржливо ниво“, образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Со ребалансот, дефицитот се зголемува за 110 милиони евра и ќе биде 750 милиони евра или 4,1 отсто од БДП, иако првичните прогнози беа дека нема да го надмине овој процент.

Растот се прогнозира да биде 3,5 проценти, а инфлацијата 4,5 отсто. За новото прекројување на државната каса, поднесени се 224 амандмани, најмногу од пратениците на ДУИ.

Ребалансот би требало да биде усвоен до крајот на месецов.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украина и Молдавија отвораат нов кластер со ЕУ- едногласна одлука во Брисел

Sasko Dimovski

Изборниот законик доби дополнителен грејс период да биде донесен

Tea Dimkovska

Пожари беснеат во Штип и Пробиштип – се гасне и од земја и од воздух

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе