Сашо Клековски се сели од Фондот за здравство во Министерството за здравство на местото на Азир Алиу. Фатмир Лимани заминува од социјала, демографија и млади, а на негово место седнува досегашниот заменик Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ ја напушта министерската функција во култура и туризам, а не неговото столче ќе седне досегашниот заменик Седат Сулејмани од Вреди. Агон Ферати од Вреди доаѓа на местото на Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите на местото вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Стоиљковиќ е предложен за министер за локална самоуправа.
Вреди го добива и Министерството за правда, каде Јетон Шасивари ќе седне на местото на Игор Филков од ЗНАМ.
Партијата на Максим Димитриевски во замена го добива Министерството за земјоделство, каде на местото на Цветан Трипуновски ќе седне досегашниот државен секретар Борче Серафимовски, кој е и потпретседател на ЗНАМ.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по вечерашниот состанок на Извршниот комитет на партијата, го соопшти идниот состав на владата.
- „Оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување на темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните, нова енергија за ново забрзување“, изјави Мицкоски.
Од останатите промени, се укинува вицепремиерската позиција за добро владеење, каде што беше Арбен Фетаи кој по неколкумесечно недоаѓање на работа поднесе оставка. За добро владеење ќе биде задолжен секретар од кабинетот на премиерот.
Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на местото министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите на местото на Шабан Салиу од Демократски сили на Ромите.
Најавено е и проширување на владиното мнозинство со Демократската партија на Турците, која има еден пратеник. Тие во иднина ќе добијат министер без ресор. Со тоа владата ќе остане со ист број на членови.
Досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински заминува на директорското место во Фондот за здравство.
Портпаролката на Владата Марија Митева ќе биде нова претседателка на Унијата на жени на партијата.
Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски по денешната седница на Извршниот одбор на партијата изјави дека е задоволен од работата на нивните реформи и му се заблагодари на досегашниот министер за правда Игор Филков за сработеното. Тој најави дека во септември ќе добијат и заменик министер во едно од највлијателните министерства, но не кажа кое.
- „Одлуките коишто денеска ги донесовме не претставуваат обична кадровска реконструкција. Тие се резултат на политичко созревање, на стекнато искуство и на довербата што ја изградивме преку работа. ЗНАМ денеска има поголема институционална одговорност од пред две години, но со секоја нова одговорност расте и нашата обврска кон државата и кон граѓаните. Ние немаме намера да ја мериме нашата успешност според бројот на функциите што ги извршуваме. Нашето мерило ќе остане исто како и досега, водено од тоа колку институциите се поефикасни, колку реформите се подлабоки и колку граѓаните чувствуваат подобар и квалитетен живот“, изјави Димитриевски.
Останатите министри остануваат исти. Опозицијата со критики.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче оцени дека реконструкцијата е продолжување на политиките што овозможуваат богатење на поединци, без конкретни придобивки за граѓаните и без суштински промени. Од ДУИ, пак, порачаа дека „Вреди е големо ништо во Владата“.
Срѓан Стојанчов
