Од здравствени причини на еден од обвинетите се одложи судењето за злоупотреби со ИПАРД помошта за земјоделците, каде меѓу обвинетите се и поранешниот директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, како и Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа. Судијката телефонски била известена од затворот во Шутка дека на обвинетиот Фејзула Фејзула утрово му се влошила здравствената состојба. Била повикана Брза помош која констатирала дека обвинетиот нема да може да присуствува на судењето. Во затворот во моментот нема доктор, затоа судијката прифати тој да биде однесен на преглед во приватна болница, како што бара одбраната.
На денешното рочиште требаше да се слушаат разговорите од посебните истражни мерки. Обвинителката дојде со 12 класери транскрипти од разговори. Дел се поврзани со овој предмет, а дел со друг предмет поврзан со вработени од УЈП
„Во овој предмет обвинителството ќе презентира околу 150 разговори меѓу обвинетите со кои ќе ги докаже наводите од обвинителниот акт и кои што се еден дел од доказите со кои обвинителството ќе докаже дека навистина обвинетите ги имаат сторено кривичните дела за кои се обвинети“, рече Наташа Поп Трајкова, обвинителка во ОЈО ГОКК.
„Мислам дека конено и обвинителството ќе се реши да го затвори овој предмет, бидејки не може товарот на обвинението да го базира само врз основа на исказ на едно лице кое постигна спогодба со обвинителството, туку треба да ги има и фактите пред себе“, рече Ненад Јаничевиќ, адвокат на Насуфи.
Одбраната аргументира дека нема простор за одговорност и поради ставот на ЕК со кој во април ги одблокираше средствата од програмата ИПАРД. Обвинителството не се согласува со ваквото толкување. Велат средствата биле одмрзнати затоа што државата постапила по забелешките, а органите ја вршат својата работа, но велат дека надзорот над агенцијата и другите институции се уште во тек.
„Мислам дека ЕК како најмеродавна, бидејки се работи за нивни фондови, го кажа своето. Нема дело нема вина нема прекршување, не знам што може ПИМ мерките да дадат друга димензија кога ЕК го кажа своето“, додаде адвокатот Јаничевиќ.
„Јас и претходно спомнав, овој предмет не беше дел од опсервација на надзорното тело и воопшто не беше гледан. Постапувањето по истиот воопшто не беше под опсервација на надзорното тело“, рече Поп Трајкова.
Според обвинителството, фирма на Насуфи не ги исполнувала условите за да ги добие финансиските средства од ИПАРД, па му ветил на Стоилев 50.000 евра, 20.000 евра Насуфи ги предал на дел од обвинетите за да влијаат врз Стоилев. Сите обвинети негираа вина.
Обвинетите се товарат дека сториле кривични дела „Давање поткуп“, „Давање награда за противзаконито влијанија“, „Примање награда за против законито влијание“, „Примање поткуп“ и „Злоупотреба на службената положба“.
Една од обвинетите Јасмина Костадинова, вработена во министерството за земјоделство, на првото рочиште призна вина дека земала мито од 2.000 евра и доби 10 месеци затвор.
Елена Ивановска
