Вести Македонија Топ вести

Реформската агенда на тест, судската и јавнообвинителската служба незадоволни од предложените законски решенија

Прашањата за иднината на судската и јавнообвинителската служба повторно се во фокусот на јавноста. Денеска во Собранието започна јавната расправа за двата клучни предлог закони што треба да го уредат нивното функционирање.

Наместо поддршка без забелешки, првите реакции од претставниците на судовите отворија серија дилеми околу предложените решенија. Посочуваат дека дел од претходно усогласените ставови не се вградени во текстот и недоволно внимание е посветено и на современите предизвици како дигитализацијата и улогата на информатичкиот кадар, а имаат забелешки и околу тоа како се уредени пресметките за плата. Бараат или да се повлече законот од процедура или пак да се интервенира амандмански.

„Со вакво регулирање на статусот на судските службеници ќе се усложни ако не и оневозможи работата на судовите и нивното непречено функционирање“, вели Христина Палчевска, вработена во Основниот граѓански суд Скопје. 

„Читајќи го законот станува јасно дека избор за вработување ќе врши всушност државата. Јас ќе бидам државен службеник вработен во судот, не сум судски службеник. Тие работи се доста нелогични“, кажа Игор Симевски, вработен во Основен суд Гостивар. 

„Сѐ повеќе ИТ лица секојдневно ги напуштаат работните места првично поради неконкурентноста на платите. А, дополнително сега би се предизвикало проблем и со нерешавањето на статусот на овие вработени“, вели Теодора Андреевска, претседателка на синдикалната организација и раководител на одделението за информатика во Апелационен суд Битола. 

Од Министерството за правда, пак, уверуваат дека законот е значаен чекор во реформите на судството и е во согласност со реформската агенда. Велат дека со новите решенија се обезбедува поголема автономија на судската служба и јасно раздвојување на судските од административните службеници, а за предлогот веќе се добиени позитивни мислења и од други институции.

„Овој предлог на закон ја потврдува нивната положба како посебни државни службеници во рамките на судската власт, значи правиме одредено разграничување. И се врши еден вид на издвојување од административните службеници како посебен вид на државни службеници. Во новиот закон не се воведува промена на статусот на дел од службениците во судот како што се толкува овој предлог-закон во моментов, односно дека од сегашни судски службеници ќе станат државни службеници“, вели Катерина Гичев од Министерството за правда. 

Забелешки пристигнуваат и од вработените во јавните обвинителства.

„Особено загрижува фактот што членовите на работната група никогаш не ја добија финалната верзија на текстот што беше објавен на ЕНЕР, ниту пак текстот доставен сега пред вас во собраниската процедура. Не може да се зборува за силно и независно Јавно обвинителство ако луѓето кои го носат системот секојдневно чувствуваат дека нивниот статус останува на маргините на реформите“, кажа Маја Петрова од синдикатот на јавните обвинителства при УПОЗ. 

„Овој закон не е закон за нечии плати, коефициенти, за работни места. Ова е закон од којшто зависи дали Јавното обвинителство во иднина ќе може да функционира“, вели јавната обвинителка Фатиме Фетаи. 

Забелешките се слушнати и голем дел од нив се прифатливи, одговара заменик министерот за правда.

„Законот за судска служба и Законот за јавнообвинителска служба се усогласува со Законот за административни службеници, поточно со одредбите коишто ги нагласив и се издвојуваат судските и јавнообвинителските службеници како посебни административни службеници. Други забелешки за коишто барем јас можам да кажам дека дел од нив се прифатливи и кога ќе бидат преточени во амандмани, тука се пратениците, на амандманската расправа ќе бидат објективно разгледани“, рече Ален Деребан, заменик министер за правда. 

Со реформската агенда за усогласување на македонското законодавство со стандардите на ЕУ, се бара поефикасно, понезависно и потранспарентно судство, со подобри кадровски и технички капацитети. Резултатот кој се бара е поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување

Дејан Дејан

„Без мене Израел нема да постои“, Трамп се погласен во критиките против Нетанјаху

Дејан Дејан

Јотова имала „вознемирувачки сигнали“ дека еден од амандманите од нацрт-извештајот за Македонија може да не го помине филтерот на европратениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе