Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни европските критериуми за членство во Европската Унија. Ова го изјави претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, на средба со претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Двете соговорнички разговараа во рамки на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј домаќин беше Бугарија, соопшти кабинетот на бугарската претседателка. Јотова истакна дека Северна Македонија треба да го спроведе таканаречениот француски предлог од 2022 година, кој беше прифатен од Скопје и стана дел од заедничката европска рамка за пристапување на земјата во ЕУ. Таа нагласи дека станува збор за европски критериуми за членство, а не за билатерални бугарски барања.
Според Јотова, за отворање на преговарачките поглавја, Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски, меѓу кои и внесувањето на Бугарите во Уставот. Таа повика и на почитување на правата на граѓаните кои се изјаснуваат како Бугари во земјата, како и на надминување на говорот на омраза. На средбата присуствуваа и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Иванка Ташева, како и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.
Во разговорот било отворено и прашањето за лекување на 23-годишната Ива Михајлова, која била повредена во сообраќајна несреќа. Според бугарската страна, поради истрагата што се води за случајот, ѝ се одземени личните документи и не ѝ е дозволено да го напушти Кочани, иако има потреба од лекување во Бугарија.
