Целодневна дебата и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата ја одбележаа собраниската расправа за интерпелацијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Прекин на ИПА проекти, наводни нерегуларности, коруптивни активности и незадоволството на земјоделците беа меѓу главните теми на денешната седница.
Најострата расправа ја водеа поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од СДСМ, Љупчо Николовски, и актуелниот министер Цветан Трипуновски. За состојбите во земјоделството се судрија и пратениците од власта и опозицијата.
„Денес расправаме за работата на најнеспособниот министер Цветан Трипуновски за неговата одговорност пред земјоделците, сточарите, овоштарите, лозарите и одговорност пред граѓаните“, рече Јована Тренчевска, пратеничка од СДСМ.
„Се поддржуваат младите земјоделци и само на последниот повик се пријавени 254 млади луѓе кои сакаат да останат во Македонија и да живеат од сопствениот труд. Се создаваат услови за земјоделски задруги, за здружување за посилен настап на пазарот. Министерот Цветан Трипуноски ви смета, ви боде очи затоа што е нон стоп на терен помеѓу луѓето. А вас колешке Тренчевска на терен ниту ве имало ниту ќе ве има. И најважно од се денес субвенциите завршуваат кај оние коишто навистинапроизведуваат. Тоа е суштинската разлика“, изјави Лидија Петкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Интерпелацијата за Трипуновски ја поднесе СДСМ, поради, како што наведоа, катастрофалната состојба во земјоделството, сериозни сомнежи за системска корупција во ресорот, потврдени со апсења на високи функционери осомничени за примање мито, како и директно загрозување на јавниот интерес. Според собранискиот Деловник, расправата по интерпелацијата може да трае до полноќ, а за збор се пријавени околу 32 пратеници.
Симона Петровска
