Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД „силно ќе го нападнат“ Иран, откако двете страни во текот на ноќта разменија напади.
„Ги удривме силно вчера и повторно ќе ги удриме силно денес“, им рече тој на новинарите во Овалната соба. Тој исто така повторно го повика Иран „да го потпише договорот“.
Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, во објава на X по изјавата на Трамп, порача дека Иран „цврсто ќе се спротивстави на секој притисок или закана“.
САД извршија напади врз Иран во вторникот, откако Трамп изјави дека Иран соборил хеликоптер на американската армија.
Исламската револуционерна гарда соопшти дека одговориле со напади врз американските бази во регионот.
Претходно денеска Трамп на својата социјална мрежа, Truth Social напиша:
„Предолго одолговлекуваа со преговорите за договор кој ќе беше одличен за нив, а сега ќе мора да ја платат цената!!!“
Тој исто така изјави дека Иран бил „целосно поразен“ во воена смисла.
Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаи, ги обвини САД дека „го нарушуваат дипломатскиот процес преку контрадикторни пораки, постојани промени на ставовите и барањата, и, што е најлошо, преку повторени прекршувања на прекинот на огнот“.
Тој рече дека Иран треба повторно да ја процени ситуацијата и додаде дека секој дипломатски процес бара барем минимална стабилност.
Американската војска пак соопшти дека погодила нафтен танкер во Оманскиот Залив кој „ја прекршил тековната блокада обидувајќи се да транспортира нафта од Иран“.
Индиската влада соопшти дека тројца индиски морнари се водат како исчезнати, а 21 член на екипажот бил спасен по нападот врз бродот „Сетебело“ кај брегот на Оман.
САД ги блокираат иранските пристаништа откако клучниот поморски пат низ Ормускиот теснец практично беше затворен од Иран како одговор на американските и израелските напади врз Техеран во февруари.
