Вести Економија Македонија Топ вести

Кочоска: Јавниот долг е под контрола, а фискалната консолидација останува наш приоритет

Јавниот долг не треба да биде причина за загриженост доколку задолжувањата се насочени кон проекти што придонесуваат за економски раст, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „Топ Тема“.

Според неа, клучното прашање не е висината на долгот, туку неговата намена и ефектите што ги создава врз економијата.

„Не треба да нè загрижува јавниот долг и многу е важно за што се задолжуваме. Тоа е исто како кога ќе земете кредит од банка – прашањето е дали тој кредит е оправдан и дали ќе донесе придобивки. Ако се погледне изминатиот период, растот на БДП што го планиравме е резултат и на новите задолжувања. Сметам дека успешно го менаџираме растот на БДП и растот на јавниот долг, кој е под строга контрола и останува под 60 проценти од БДП“, изјави Кочоска.

Министерката најави дека во тек се анализи за евентуален ребаланс на буџетските проекции, при што можно е да има корекции на приходната страна поради пониски приходи од акцизи.

„Во моментот ги анализираме состојбите врз база на барањата на министерствата и врз основа на тоа ќе ги финализираме конечните бројки. Кај приходната страна може да има надолна корекција на приходите од акцизи како резултат на мерките поврзани со нафтата и нафтените деривати. Побаравме дополнителни проекции од Царинската управа и врз основа на тие податоци ќе одлучиме дали ќе има корекции. Доколку нема промени на расходната страна, тоа автоматски би се одразило врз буџетскиот дефицит“, рече таа.

Осврнувајќи се на буџетскиот дефицит и обврските за фискална консолидација, Кочоска нагласи дека Владата останува посветена на постепено намалување на дефицитот во согласност со поставените цели.

„Нашата обврска е фискална консолидација, што значи дека секоја следна година треба да имаме понизок буџетски дефицит во однос на претходната. Таа обврска ќе ја исполниме и оваа година затоа што сме ја ветиле пред граѓаните. Факт е дека има одредени одложувања, но не може фискална консолидација да се направи преку ноќ. Во разговорите со многу министри за финансии од Европската Унија добивме оценки дека целите што сме ги поставиле се многу амбициозни, но ние чекориме во таа насока“, истакна министерката.

Таа додаде дека повисоката реализација на буџетскиот дефицит во првата половина од годината не значи автоматски и поголем дефицит на крајот на годината, бидејќи дел од министерствата реализирале поголем дел од планираните расходи уште во првите шест месеци.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Семејството на жртвата од нападот со нож во Белфаст повика на смирување на ситуацијата: немирите не се добредојдени

Дејан Дејан

Трамп: САД денес повторно ќе извршат силни напади врз Иран

Дејан Дејан

Кочоска: Се прави дефокус наместо да се радуваме што државата обезбедува пониски каматни стапки од други земји

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе