Вести Економија Македонија

Кочоска: Се прави дефокус наместо да се радуваме што државата обезбедува пониски каматни стапки од други земји

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека ребалансот на Буџетот најверојатно ќе биде усвоен следната недела, при што не се очекуваат намалувања на капиталните расходи, туку можни прераспределби во рамките на веќе планираните средства. Таа оцени дека Владата спроведува фискална консолидација и покрај засилената реализација на капиталните инвестиции, особено на проектите што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“.

„Во услови кога проектот на Бехтел и Енка оди во забрзана трака и кога имаме сериозна реализација на капиталните расходи, ние имаме фискална консолидација. Тоа го покажува и примарното буџетско салдо. Ребалансот најверојатно ќе биде следната недела“, изјави Кочоска.

Во однос на евентуалните кратења со ребалансот, министерката рече дека министерствата главно побарале дополнителни средства, наместо намалување на расходите, поради што Владата побарала јасно дефинирање на приоритетите.

„Можеби ќе има одредена прераспределба во рамки на капиталните расходи, но не се очекуваат намалувања. Напротив, таму може да има и зголемувања. За жал, речиси нема министерство кое предложи намалување на расходите. На состаноците им беше објаснето дека мора да ги утврдат приоритетите и дека оваа година треба да се реализираат само најважните проекти“, рече министерката.

Таа посочи дека Владата внимателно ги следи глобалните случувања, особено состојбата на Блискиот Исток, која според неа може да има влијание врз економските текови.

„И во земји со многу посилни економии се одложуваат проекти. Владата не ги коментира често состојбите на Блискиот Исток, но факт е дека таму има сериозна ситуација. Ние не го занемаруваме тоа и активно ги следиме ризиците. Граѓаните треба да бидат спокојни затоа што знаеме како да ги менаџираме овие предизвици, но тоа не значи дека тие не постојат“, нагласи Кочоска.

Осврнувајќи се на состојбата на јавните финансии при преземањето на власта, министерката рече дека Владата наследила исклучително тешка финансиска состојба.

„Буџетот беше во тешка позиција кога ја преземавме власта. Од првиот ден затекнавме празна каса. Доволно е да се погледне состојбата на девизната сметка на Народната банка на 30 јуни 2024 година и да се спореди со периодот кога се менуваше власта во 2017 година“, изјави таа.

Кочоска се осврна и на критиките поврзани со задолжувањето и меѓународното финансирање, посочувајќи дека земјата обезбедува поповолни услови од некои држави кои веќе преговараат за членство во Европската Унија.

„Наместо да се радуваме што државата обезбедува пониски каматни стапки од некои земји кои активно преговараат со Европската Унија и што сме меѓу првите кои ја реализираат реформската агенда, постојано се отвораат теми кои го дефокусираат вниманието. Бројките се јасни и транспарентни и нема што да се крие“, порача министерката за финансии.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Грмотевици предизвикаа пожар во близината на Штип – огнот се шири на ридовите над градот

Дејан Дејан

Целодневна дебата во Собранието за интерпелацијата на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски

Дејан Дејан

По средбата на Јотова и Сиљановска – Бугарија очекува Македонија да ги исполни европските критериуми за членство и да ги внесе Бугарите во Уставот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе