Пакистан рано утринава изврши нови воздушни напади врз цели во источен Авганистан, дополнително продлабочувајќи ја кризата меѓу двете соседни држави, која во последните месеци одзеде стотици животи. Според авганистанските власти, нападите биле насочени кон провинциите Хост, Кунар и Пактика. Портпаролот на авганистанската влада Забихула Муџахид соопшти дека загинале 13 лица, меѓу кои 11 деца, една жена и еден постар маж, додека 14 цивили се повредени.
Пакистан ја потврди операцијата, наведувајќи дека биле погодени засолништа и инфраструктура поврзани со милитантни групи одговорни за неодамнешни напади на пакистанска територија. Според Исламабад, во нападите биле ликвидирани 26 милитанти. Во провинцијата Хост, според локалните власти, девет цивили загинале, а десет се ранети кога околу половина час по полноќ биле погодени неколку куќи во селото Мана.
„Во нападот загинаа мојот чичко, неговата сопруга, четири ќерки и тројца синови. Само две девојчиња од семејството преживеаја. Уништена е и куќата на мојот брат, а загина и добитокот“, изјави Талиб Гул, роднина на жртвите.
Снимките од погодените подрачја покажуваат членови на семејствата како низ урнатините ги бараат личните предмети на загинатите, меѓу кои и примероци од Куранот и други книги. Очевидецот Али Џан Ахлаки ја обвини меѓународната заедница за молк поради страдањата на цивилното население.
„Оние што постојано зборуваат за човекови права и правда, дали некогаш се запрашаа што се случува овде? Гинат невини луѓе, се уништуваат домови, а никој не презема конкретни чекори“, рече тој.
Односите меѓу Пакистан и Авганистан се влошија кон крајот на февруари, кога Авганистан изврши прекуграничен напад како одговор на претходни пакистански воздушни удари. Оттогаш следуваа повеќе вооружени инциденти, а неколкуте рунди мировни разговори со посредство на меѓународната заедница не донесоа трајно примирје.
Пакистанските власти тврдат дека Авганистан им обезбедува засолниште на милитантите од Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), група која изведува напади врз пакистанските безбедносни сили и цивили. Кабул категорично ги отфрла овие обвинувања. Нападите следуваат само еден ден по вооружениот напад врз безбедносен пункт во областа Хасан Кел, во северозападната пакистанска провинција Кајбер Пахтунхва, каде што во престрелка загинаа шест припадници на Федералната констабуларна служба.
Најновата ескалација доаѓа и покрај обидите за смирување на тензиите, меѓу кои и мировните разговори што претходно оваа година се одржаа во кинескиот град Урумчи. Сепак, конфликтот меѓу двете земји продолжува да се продлабочува, а цивилното население повторно ја плаќа највисоката цена.
Т.Д.
