Обвинувања за корупција, мито и блокирани европски фондови го отворија фронтот во Собранието против министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
Опозициската СДСМ преку интерпелација бара политичка одговорност, тврдејќи дека земјоделскиот сектор е доведен во состојба на неизвесност и недоверба.
Расправата се одвива во сенка на сериозни обвинувања за нетранспарентно трошење на јавните средства и суспензијата на програмата ИПАРД 3.
Трипуновски до Николовски: Не постоеше гранка во која не се чувствуваа последиците од вашите погрешни политики, само цветаше криминалот
- „Вашето време како министер за земјоделство ќе биде запомнено по криминалот кој што цветаше. За тоа се поднесени и кривични пријави за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување“, истакна министерот за земјодлество, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Министерот потсети дека во 2022 и 2023 година Министерството објавило и спровело јавен повик за финансиска поддршка на микро производители на вино, при што биле распределени над 100 милиони денари при што се заобиколила Агенцијата која што е надлежна да спроведе ваков повик.
- „Поднесена е кривична пријава поради тоа што Mинистерството иако го раскинало договорот за закуп не доставило примерок до Агенција за Катастар на недвижности за бришење на правото на сопственост. Заради непостапување и недоволна координација со АФПЗРР и по раскинувањето на договорот продолжила исплатата на финансиска поддршка, при што во периодот од 2021 до 2023 година на закупецот му биле исплатени над 19 милиони денари“, додаде министерот Трипуновски.
