Вести Македонија

Петровска и Милошоски за „нон-пејперот“: Постепена интеграција или „резервна клупа“ за Балканот?

Француско-германскиот предлог за реформи во ЕУ и постепена интеграција на земјите кандидати беше уште една точка на силно соочување во дебатата помеѓу Славјанка Петровска (СДСМ) и Антонио Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ).

Додека Петровска во овој документ гледа искрен интерес на клучните европски сили за регионот, Милошоски смета дека тој е изнуден од војната во Украина и дека нуди само споредна улога за Македонија.

Славјанка Петровска смета дека нон-пејперот е доказ дека Берлин и Париз сакаат да го задржат регионот во својата орбита преку конкретни придобивки за граѓаните уште пред полноправното членство. Таа истакна дека документот нуди вклучување во заедничкиот пазар, енергетиката и економијата, но потенцираше дека преговарачката рамка останува клучна.

  • „Мислам дека уште еднаш покажуваат како да се тие позаинтересирани и повеќе притискаат за наше побрзо пристапување во Европската Унија, отколку лидерите или политичките елити овдека во регионот. Целта е постепено пристапување на земјите за да нема никакво оддалечување на било која од земјите од процесот, без оглед на предизвиците кои стојат пред нив“, изјави Петровска.

Таа додаде дека за секоја спроведена реформа треба да следува соодветна награда, што е дополнителен поттик за државите кандидати.

Антонио Милошоски го оцени документот како обид на ЕУ да го врати своето влијание по долгогодишна незаинтересираност, наметнат од новите геополитички реалности. Според него, овој предлог не е резултат на желбата за проширување, туку на стравот од руското влијание.

  • „Украиноцентричноста на предлогот што го даваат Франција и Германија нужно доведе до нивна потреба да понудат нешто и за регионот. Руската турбуленција и инвазијата врз Украина беше еден аларм, едно будење геополитичко на самата Европа… тие гледаат дека имаат потреба Европа да стане повлијателна таму каде што природно би требало да биде“, истакна
    Милошоски.

Тој ја користи спортската метафора за да ја опише „постепената интеграција“ како
дискриминаторска: „Ова е понуда да бидеме заедно во истиот тим, но некои ќе бидат играчи на терен, а други ќе бидат на резервна клупа додека не им дојде времето да истрчаат на тој
терен. Тоа е таа постепена интеграција.“

Иако двајцата соговорници се согласуваат дека нон-пејперот отвора нови можности за соработка во сектори како енергетиката и економијата, останува јазот во толкувањето на крајната цел. За власта, тоа е чекор кон полноправно членство, додека за опозицијата е само начин регионот да се држи „во чекалната“ на ЕУ без јасни гаранции за конечен успех.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Нема нерешлив проблем“ – Сиљановска-Давкова во среда на средба со бугарската колешка Јотова

Дејан Дејан

(видео)СДСМ ќе го блокира носењето на изборниот законик – ВМРО-ДПМНЕ: опозицијата нема оправдување

Дејан Дејан

Општина Кратово обвинува за узурпација на локалитетот „Куклица“ и малтретирање на туристи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе