Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против двајца браќа на возраст од 43 и 44 години, осомничени за обид за убиство .
Според обвинителството, на 6 јуни, во близина на авто плац во селото Шишево, двајцата браќа со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, а притоа го довеле во опасност и животот на двајца други оштетени.
Повод за тоа било претходен сообраќаен инцидент во кој братот на оштетениот и првоосомничениот со нивните возила, на разминување, се допреле со ретровизорите и започнале вербална расправија.
Осомничениот го фатил за врат и му се заканил, но двајца сведоци на настанот успеале да ја смират ситуацијата.
Нападнатиот ја зел сопругата од работа и го повикал брат му за да провери дали по истиот пат можат безбедно да се вратат назад. Во близина на местото на првиот инцидент, во една од грмушките, двајцата осомничени браќа со пиштоли ги очекувале да поминат. Испукале два куршуми при што го погодил братот на првично нападнатиот во главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда, а ги загрозил и другите две лица.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности укажуваат дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го довршат обиденото кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени соизвршители.
