Двајца до тројца неработници останеле во Институтот за јавно здравје од триесетмината кои ниту клателе врата а земале плата.
Останатите кои што 6 до 7 години доаѓале на работа а им плаќале на нивни колеги по 200 евра да ги евидентираат си дале отказ, бидејќи биле вработени и на друго место.
„Останатите си заминаа со образложение дека не можат, немаат време да седат, бидејќи нормално јас побарав да се седи од 7:30 кога е работното време до крај на работното време и тие велат па ние не можеме вака, не можеме да мрднеме, не можеме да излеземе, си имаме друга работа така што самите си заминаа“, изјави директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
На прашањето дали тие двајца, тројца сега доаѓаат на работа бидејќи со три дена неоправдано отсуство треба да добијат отказ, директорката Андоновска не одговори директно, туку само дека досега не можеле ништо да направат бидејќи ги има во евиденцијата.
„Се консултиравме многу и ако се преземат одредени чекори за нив дека ќе бидат вратени од страна на судовите, бидејќи немаме доказ освен нивното лично признание“, додаде таа.
Вантрешни ревизии за тоа каква е состојбата со вработените во здравствените институции нема да се прават, туку само оние планираните на Државниот завод за ревизија.
„Знаете дека ревизорите имаат годишна програма со која спроведуваат ревизорски процеси во институциите. За оваа година тие во неколку клиники веќе имаат ставено во програма. За догодина треба да имаме средба за да може да дефинираме во кои институции ќе иам таков процес. Законите се многу јасни и треба да се почитуваат. Ако не се доаѓа на работа се знае дека треба да си одиш дома после три дена. Нелогично е и да дискутираме“, смета министерот за здравство, Азир Алиу.
Ревизорите открија низа неправилности за работењето на Институт за јавно здравје во 2024 година како несоодветно евидентирање и чување на реагенси, и злоупотреби со исплата на додатоци и награди на платите на дел од вработените.
Антикорупциска отвори предмет за наводите на ревизорите.
Марија Митевска
