Вести Свет

Црна Гора ги врати „батинашите“ на Вучиќ од Тиват во Белград – Србија ги блокираше граничните премини со соседната држава

Одлуката на властите во Црна Гора, да вратат во Србија цел авион полн со набилдани, тетовирани мажи, кои демократската јавност во Србија јасно ги идентификуваше како ткн „батинаши“ на Вучиќ, кои се пресметуваат со секоја опозиција на српскиот лидер и особено студентите кои протестираат против него веќе подолг период, предизвика сериозни тензии меѓу официјална Подгорица и Белград.

Граничните премини од Црна Гора се речиси целосно блокирани, во очигледна одмазда на властите на Вучиќ за вчерашната одлука на црногорските власти.

Според „Вијести“, од седум и пол синоќа, ниту еден црногорски граѓанин не може да влезе во Србија, а тие биле и предмет и на детални безбедносни проверки.

Колку долго чекате? -Јас не многу, половина час, но луѓето ми кажаа дека по еден час го задржуваат секој човек посебно. Зошто? Заради што? -Ова не се случуваше порано? – Никогаш. Што се криви луѓето? За што се виновни овие луѓе, затоа што политиката прави проблеми? – одговори еден патник.

Но што го предизвика бесот на српските власти? Авион на „Ер Србија“ слета вчера во Тиват, каде треба да се одржи самитот ЕУ- Западен Балкан.

87-мината патници во авионот биле најпрвин задржани на аеродромот и обезбедувани од припадници на полицијата и агенцијата за национална безбедност на Црна Гора.

Медиумите во Црна Гора објавија дека кај „патниците“ во авионот биле пронајдени  транспаренти „Србија победува“ на партијата на Вучиќ, но и уред за комуникација на далечина и поморска станица.

Дополнително, се тврди дека станува збор за, условно кажано интересна група луѓе, од кои повеќемина биле обвинети за тешки кривични дела, а кои опозициските медиуми и активисти во Србија со години ги посочуваат како платеници на режимот на Александар Вучиќ.

Тие биле редовно ангажирани како обезбедување на митинзите, партиските простории на СНС, но и организација на контрапротести. Истовремено, ги напаѓале и учесниците на студентските протести во Србија, а истовремено го организирале и ткн камп Чациленд во Белград, каде се собираа неколкумина наводно студенти, кои наводно се против протестите и само сакаат да учат.

Српскиот лидер, на денешната прес конференција во Белград, по средбата со претседателот на Европскиот Совет, потврди дека тој сепак ќе замине во Црна Гора, затоа што дал својот збор и покрај предупредувањето на српската безбедносно информативна агенција да не оди, затоа што наводно му бил загрозен животот.

„Одам во Црна Гора и одам таму зашто многу е важно да ја претставувам Србија. Се нормално. За другите работи ќе зборувам во Црна Гора. Не тука. Туку ќе одам долу, во лице да кажам сѐ што имам да кажам за разни тие игри во кои Србија се претставува како некоја „мала Русија“, а тие како измачените балтички земји. Секогаш загрозени од нас“ – тврди српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Во Тиват, во наредните два дена ќе се одржи самиот ЕУ – Западен Балкан, најголем собир од меѓународен ранг во историјата на држава, на кој, освен сите регионални лидери, ќе учестуваат и францускиот претседател Макрон, , германскиот канцелар Мерц, италијанската премиерка Мелони, шпанскиот премиер, Санчез и првите луѓе на ЕУ, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Фетаи ќе биде именуван за нов специјален претставник на македонската влада во Брисел

Tea Dimkovska

Полициската ЕБР го промовираше засилувањето – новите припадници ги прикажаа своите вештини

Дејан Дејан

Извештајот на Вајц за Македонија: Јазикот, културата и идентитетот не треба да бидат доведени во прашање од трети страни при процесот на интеграцијата кон ЕУ

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе