Најмалку девет лица се убиени денеска во израелските напади во јужен Либан,
Министерството за здравство на Либан соопшти дека меѓу загинатите има и двајца болничари чија амбулантна кола била погодена во напад во областа Чехур, на југот од земјата.
Во меѓувреме, израелската војска соопшти дека пресретнала дрон и два проектили кои ја преминале границата. Про-иранската милитантна група Хезболах соопшти дека цел на нападот бил собир на израелски војници.
Овие инциденти го ставија на тест делумниот прекин на огнот договорен во понеделникот, според кој Израел требаше да се воздржи од бомбардирање на главниот град Бејрут, а Хезболах да не изведува напади врз Израел.
Израелски и либански дипломати денеска одржуваат и втор ден разговори во Вашингтон, со цел да се најдат начини за зацврстување на договорот.
Американскиот државен секретар Marco Rubio им изјави на новинарите дека се надева оти разговорите ќе резултираат со „акциски план и патоказ за безбедност во Либан, независно од Хезболах“.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Либан, посредуван од САД на 16 април, не успеа да ги запре борбите. Минатата недела премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на израелската војска да ги засили нападите врз Хезболах и да напредува подлабоко во либанска територија како одговор на нападите со дронови и ракети врз заедниците во северен Израел.
Според либанското Министерство за здравство, од почетокот на израелските напади во оваа држава биле убиени најмалку 3.516 луѓе.
