Вести Свет

Ши Џинпинг и Трамп од Пекинг – САД и Кина треба да бидат партнери а не ривали

Односите меѓу САД и Кина се најважни во светот, оцени кинескиот претседател Ши Џинпинг, на разговорите кои ги имаше со претседателот на САД, Доналд Трамп, кој престојува во официјална посета на Кина.

На почетокот на двочасовната билатерална средба на највисоките државни делегации, Џинпинг повторно ја употреби и фразата која првпат ја искористи пред 12 години – „САД и Кина мора да ја избегнат опасноста на тн. Тукидидова замка“. Термин кој звучи академски, прв го употребил американскиот политиколог Греам Алисон, но најпрецизно ја објаснува визијата на Кина за односите со САД.

Тоа е ситуацијата кога една нова, растечка, сила почнува да ја загрозува доминантната сила и меѓусебниот страв и компетитивноста често доведуваат до конфликт или војна.

Поедноставно кажано, економскиот, технолошкиот и воениот подем на Кина ја предизвикува долгогодишната доминација на САД како светска суперсила.

„Заедничките интереси меѓу Кина и САД се поголеми од нивните разлики. Успехот на двете земји претставува можност една за друга, а стабилноста на кинеско-американските односи е добра работа за светот. Двете страни имаат корист од мирот, додека конфликтот им штети на двете. Треба да бидеме партнери, а не противници, да постигнеме заеднички успех, да напредуваме заедно“, изјави кинескиот лидер Ши Џинпинг.

Кина јасно ставила до знаење и дека прашањето на Тајван е една од црвените линии на официјален Пекинг во меѓусебните односи со САД и ако тоа биде лошо менаџирано, двете држави би можеле да се судрат или дури и влезат во конфликт.

Кина го смета Тајван за своја суверена територија, иако никогаш немала контрола врз островот.

Кинеските власти го пречекаа Трамп со црвен тепих, највисоки почести, државен банкет, но и многу помпезност која е толку важна за американскиот лидер. Во своите изјави, Tрамп не се повикуваше на старогрчки историчари, но изрази задоволство од разговорите кои ги водел во Кина, опишувајќи го Ши Џинпинг како „голем лидер“ и „добар пријател“.

„Ќе имаме фантастична иднина заедно. Огромна почит кон Кина и работата што ја завршивте. Вие сте одличен лидер. Им го кажувам тоа на сите, вие сте одличен лидер. Понекогаш луѓето не сакаат кога го велам тоа, но, сепак, го кажувам затоа што е вистина. Јас го кажувам само она што е вистина. Но, чест ми е што сум со вас. Чест ми е што сум ваш пријател и односите меѓу Кина и САД ќе бидат подобри од кога било досега“, вели американскиот претседател Трамп.

Белата Куќа тврди дека двете страни разговарале за подобрување на економската соработка, вклучувајќи го и проширувањето на пристапот на американските компании до кинескиот пазар и кинеските инвестиции во САД, додавајќи дека лидерите на некои од најголемите американски компании кои се дел од делегацијата.

Се зборувало и за војната во Иран, при што се тврди дека двете земји се согласни дека Исламската Република никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје, а Ормускиот Теснец мора да остане отворен за транзит на енергенсите.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Развоен буџет или признание за лоша економија? – Ребалансот ги судри власта и опозицијата

Дејан Дејан

Украина и Молдавија отвораат нов кластер со ЕУ- едногласна одлука во Брисел

Sasko Dimovski

Изборниот законик доби дополнителен грејс период да биде донесен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе