Вести Македонија Топ вести

Трајко Бојковски од Старо Нагоричане осомничен за убиства на четири жени и два обида за убиства

Четири жени убил, а уште две се обидел да ги убие. Досега кумановското обвинителство има докази за четири убиства и два обида за убиство за серискиот убиец од Старо Нагоричане. Дваесет и петгодишниот Трајко Бојковски е пресметлив и може да одговара за сe што сторил, утврдило и психијатриското вештачење.

Според обвинителството, мотив на серискиот убиец му била омразата кон жените, а делата ги извршувал подмолно, со ниски побуди и користољубие. Добро го познавал теренот, жените ги демнел, па ги напаѓал, а сите откриени убиства се случиле во период од јануари во 2025 година до февруари годинава кога беше откриен. Сите жртви се повозрасни, освен една која е на 35 години.

„Колку што ми е мене познато, се работи за прв случај за кој од доказите произлегува дека се работи за сериски убиец кој сторил и кривично дело фемицид при вршење на родово базирано насилство. Истрагата ќе продолжи“, вели обвинителот Љубомир Лапе.

Обвинителството влезе во трага на серискиот убиец во февруари, кога беше пронајдена последната жртва полугола во нејзиниот дом. После тоа започнаа да се откриваат и другите убиства кои биле затворени како природна смрт. Беа откопани три жени како можни жртви, а нивната обдукција потврди две убиства.

На двајца доктори од кумановската болница, мртвопроценители денеска полицијата им поднесе кривична пријава за несовесно работење, бидејќи направиле пропусти и утврдиле природна смрт кај жртвите, па тие биле закопани без обдукција. За полицајците кои учествувале во увидот засега нема сомнежи.

Истрагата не е проширена ниту за блиски роднини на убиецот и покрај сомнежите на локалното население насочени кон мајката и очувот. Телма веќе објави дека тој бил проблематичен уште како средношколец и пријавуван во центарот за социјални грижи, но никој ништо не преземал. Луѓето го знаеја како момчето кое не зборува, вози велосипед и чува овци. Обвинението за него се очекува за околу еден месец.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Украина и Молдавија отвораат нов кластер со ЕУ- едногласна одлука во Брисел

Sasko Dimovski

Изборниот законик доби дополнителен грејс период да биде донесен

Tea Dimkovska

Пожари беснеат во Штип и Пробиштип – се гасне и од земја и од воздух

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе