Здравствените установи и болници се соочуваат со недостиг на медицински персонал, а особено на медицински сестри. На меѓународниот ден на медицинските сестри се алармира на недостигот на овој кадар, со што создава дополнителен притисок врз постојниот персонал. Од штипското Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки ја потенцираат потребата од формирање на комора, по примерот на лекарската.
„Ние немаме статус, затоа што немаме закон. Ние сме медицински сестри со завршено образование. Имам 30 годишно искуство, а немам лиценца како што имаат сестрите на Запад. Со самата лиценка ќе имам права и обврски но ќе бидам и заштитена“ вели Билјана Рогожарска претседател на Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки-Штип.
Добивањето на лиценци е од суштинско значење, бидејќи има голем одлив на медицински сестри надвор од државата.Причините за оваа состојба се различни, ниски плати, тешки услови за работа, прекумерно работно време, недоволна мотивација, како и иселувањето на медицинскиот кадар во странство во потрага по подобри услови и повисоки примања.
„Многу жално е што младите сестри кои се наш кадар и завршуваат во нашето училиште, не остануваат овде. Ни треба поддршка од Министерството и Фондот за здравство и Министерството за финансии за повеќе вработувања“ , вели таа.
Само минатата недела во пензија заминале пет медицински сестри од штипската Клиничка болница, а недостатокот на медицински сестри директно влијае врз квалитетот на здравствената заштита.
Викторија Јованова
