Наративот меѓу партиите околу европската интеграција на земјава многу брзо прераснува во натпревар на навреди во тоа кој е полош и помалку за ЕУ, наместо секој да се залага за структурните реформи. Ова е став на дел од аналитичарите, откако и вчерашниот ден, Денот на Европа, власта и опозициjата го искористија уште еднаш да си разменат дискалификации, навреди и да се обвинат кој е помалку за членство во ЕУ.
Крајниот резултат, вели за Телма политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, ќе биде немање воопшто политичка волја за неопходните реформи за придвижувањето, а уште помалку за уставните изнеми.
„Мислам дека тој наратив бргу ќе стане токсичен, бидејќи доминира политичката логика, наместо евроинтегративната логика. Партиите мора да разговараат во некаков конструктивен манир кој може повеќе да направи, а не кој може кого повеќе да обвини. Настрана што тоа се случува на еден симболичен ден, што, барем тогаш, можеме да покажеме дека имаме некакви натпартиски приоритети“, вели Арсовски.
Споре него, на Денот на Европа требаше да се слушне некаква заедничка иницијатива од политичките партии за тоа како да се направат структурните реформи, како да се разговара за црвените линии, за тоа како да се најде начин за придвижување кон ЕУ, а не да се бараат изговор зошто не сме сè уште не сме во ЕУ.
За тоа што ваквиот наратив се слушаше и на официјалната церемонија на Денот на Европа, пред целиот дипломатски кор на чело со амбасадорот на ЕУ во Македонија, но и пораката која беше испратена до Унијата, за неправдите кои ѝ се правеле на Македонија и неисполнувањето на ветеното од Брисел, според Арсовски е комплекс на вина.
„Ние, соочени со недостаток на политичка волја да ги направиме неопходните чекори и реформи, бараме виновник кај нив. Што се Европа не испорачала за нас. Тоа на крај и за меѓународната заедница е сигнал дека нема потреба да ни помагаат, бидејќи ние не сакаме да си помогнеме самите на себеси. Мислам дека тоа на крај ќе резултира со уште помал интерес да ни помагаат, со уште помалку притисок, што за нас не е добра вест. Во наредниот период ЕУ ќе има со што да се занимава – Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина. Мислам дека ако ние не побрзаме да се вклучиме во таа агенда, тие нема да имаат никаков проблем да нè остават надвор од неа“, е ставот на Арсовски.
Инаку, на официјалниот настан организиран од владата по повод Денот на Европа, нетрпеливоста меѓу двајцата лидери, на власта и на опозицијата, беше повеќе од видлива. Меѓу нив немаше ни протоколарна, ниту куртоазна комуникација. Делегацијата на СДСМ, предводена од лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, која положи цвеќе пред „Споменикот на ослободителите на Скопје“, пристигна на платото пред Владата откако заврши официјалната церемонија, само да го положи цвеќето, по што не застана на страната каде стоеја сите делегации кои положија цвеќе, на чело со премиерот Христијан Мицкоски. Тој, пак, на заминување не ги удостои ниту со поздрав, ниту со поглед, Филипче и делегацијата на СДСМ.
Тамара Грнчароска
