Иранската фудбалска федерација потврди дека репрезентацијата ќе настапи на Светското првенство 2026, но побара одредени гаранции од ФИФА и од организаторите на турнирот за нормален и достоинствен третман на делегацијата.
Првиот човек на иранскиот фудбал, Мехди Таџ, изјави дека Иран се пласирал на мундијалот и дека има намера да учествува, но дека сака јасни уверувања оти нема да се повтори инцидентот што неодамна се случи во Канада.
Според Ројтерс, Таџ побарал гаранции дека иранските претставници нема да бидат навредувани и дека нема да има политички или административни пречки за време на турнирот, кој во јуни годинава ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Тој нагласил дека домаќин на Иран на Светското првенство е ФИФА и дека светската куќа на фудбалот треба да обезбеди услови селекцијата да отпатува и да настапи без проблеми.
Барањето на Иран доаѓа откако делегација на федерацијата, во која бил и Таџ, минатата недела била вратена од канадската граница при обид да присуствува на Конгресот на ФИФА во Ванкувер. Подоцна канадските власти потврдиле дека визата на Таџ била поништена поради неговите претходни врски со Иранската револуционерна гарда, која САД и Канада ја третираат како терористичка организација.
Иранската федерација најави дека во следните денови ќе има средба со претставници на ФИФА, на која ќе бара конкретни уверувања пред почетокот на завршните подготовки за Мундијалот. И покрај тензиите, пораката од Техеран е јасна — Иран ќе игра на Светското првенство.
*Фотографијата е генерирана со помош на вештачка интелегенција.
