Шпанските власти се подготвуваат за прифаќање над 140 патници и членови на екипажот на крузер со случаи на хантавирус, кој пловеше кон Канарските Острови.
Бродот се очекува да пристигне на островот Тенерифе, во недела, а патниците ќе бидат сместени во „целосно изолирана и оградена зона“, изјави шефицата на шпанските служби за итни случаи, Вирџинија Барконес.
Во пристаништето Гранадилја во тек се подготовки, а работниците подигнуваа зона со шатори.
Велика Британија и САД се согласија да испратат авиони за евакуација на своите граѓани од крузерот.
Иако три лица починаа од епидемијата, а за пет патници кои го напуштија бродот се знае дека се заразени со хантавирус, операторот на крузери „Оушнвајд експедишн“ во петокот изјави дека немало луѓе со симптоми на можна инфекција на бродот МВ Хондиус кој плови под холандско знаме.
Светската здравствена организација смета дека ризикот за пошироката јавност од епидемијата е низок.
