Новата економија бара паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција и постојано вложување во човечкиот капитал, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на германско-македонскиот бизнис самит во Скопје, на кој учествуваа над 400 лица од 250 компании.
На германските инвеститори им вети помалку административни бариери и модерна инфраструктура, велејќи дека тие не се само инвеститори, туку и партнери во трансформацијата на македонската економија со новите стандарди, корпоративна култура и технолошко знаење, Директорката на делегацијата на германското стопанство, пак, порача дека во предизвикувачки времиња се потребни силни партнерства.
„Стопанството се наоѓа пред одредени предизвици, не само во Македонија туку и во Германија.Цените на енергијата, суровините, предизвиците со кои се соочуваат глобалните добавувачи и транспортната индустрија-сето ова се проблеми на европско ниво.Затоа е важно да имаме партнер во политиката кој ќе ни понуди политичка рамка на која можеме да се потпреме, како и прагматични решенија за сите овие предизвици. Исто така е важно да продолжи интензивниот и тесен дијалог меѓу стопанството и државата. Ние и понатаму ќе останеме овде да го следиме дигиталниот развој на државата и да им ја дадеме потребната поддршка на компаниите“, изјави Антје Ванделт директорка на Германската стопанска комора (АХК) во Македонија.
