Сите кризи што се случуваат, всушност настапуваат како една двојна бариера, она што е проблем со керозинот и цената на нафтата влијае врз авиокомпаниите додека со ЕЕС системот на Европската Унија имаме бариера која што се однесува на временски трошоци, значи имаме и финансиски и временски трошоци, нагласи проф д-р Татјана Бошков од Факултетот за туризам и бизнис логистика при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Нашиот граѓанин или турист, домашен или транзитен, е ставен пред одлуката да бира како ќе го искористи своето време. И тоа како имаме потенцијал од аспект на домашниот туризам. Сметам дека не треба 70 проценти, како што велат бројките на Светска банка, туристите да бидат сконцентрирани само во Скопје и Охрид. Ние имаме и тоа како еногастрономски туризам, креативен, културен, авантуристички туризам… Така што сметам дека на овој начин оваа криза ќе нѝ помогне многу повеќе да ја запознаеме нашата земја, нашите потенцијали, а ова е од големо значење и за домашната економија“, смета Бошков.
Бошков потенцира дека кризата, сама по себе, не може да се предвиди кога ќе заврши, но, според неа, може да се направи пренасочување на туристите кон Западен Балкан.
„А, Македонија, како дел од Западен Балкан, со регионално брендирање и вмрежување да понуди и да биде дел од таа туристичка понуда која што ќе биде за странците. За домашните туристи, верувам дека викенд туристите ќе одберат алтернативна опција да одморат во убавините на нашата Македонија“, додаде Бошков.
С.Д.
