Влез/излез системот на Европската Унија претставува удар за викенд туристите кои патуваатво Грција, рече Аркан Керим, претседател на туристичко-угостителска комора при ССК, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма. Кога се најавуваше воведувањето на системот беше речено дека еднаш ќе се фотографира лицето и потоа само со отисок на граница се забележува влез во ЕУ, меѓутоа во пракса гледаме дека не е така, додаде тој.
„Пресметавме дека некаде околу 250.000 туристи се тоа. Тоа се истите туристи кои што одат викенд четврток – недела или петок – понеделник во Грција и тие ќе бидат засегнати со овој систем. Другите кои имаат свои куќи, станови, приколки, тие секако ќе одат и ако треба ќе чекаат и по повеќе часови и ќе поминат граница“, рече Керим.
Тоа, пак, е шанса, додаде тој, за македонското туристичко стопанство, со убави понуди да се пренасочат туристите.
„Место да одат да чекаат повеќе часови на граница, да одат да уживаат во Охрид, во Струга, во Дојран, на Преспа, Битола и сите останати наши убави локалитети. Затоа сум оптимист дека штом Грција воочи колку голем економски удар е системот, бидејќи 1,2 милиони македонски граѓани годишно ја посетуваат Грција, тогаш мислам и тие ќе сакаат на некој начин да го суспендираат системот за побрз проток на патниците“, смета Керим.
С.Д.
