Вести Македонија Најважни

Годинава реформи наместо избори порачува премиерот, опозицијата тврди дека на власта ѝ се брза поради страв од истраги

Владата не размислува за избори туку за реформи и годинава тоа е приоритетот. Премиерот денеска вака ја дообјасни својата вчерашна изјава дека „набрзо ќе има избори“, што дел од јавноста ја протолкува како најава за предвремени парламентарни.

Во однос на можноста за избори во 2027 година, наместо редовните во 2028, Мицкоски одговара дека и догодина приоритет ќе остане економскиот развој, но партијата е секогаш подготвена.

„Има некои од партиите што се исплашија од таа изјава. Вие го знаете мојот став. Оваа година избори нема, оваа година е реформска и година на консолидирање. Јас би сакал да имаме редовни избори коишто ќе се случат наскоро во пролетта 2028 година. А, дали 2027 година е опција, знете дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е подготвено да оди на избори и да победи, но она коешто ние сега го правиме и коешто го има нашиот фокус е тоа да испорачаме реформи и да ја зголемиме економската активност, со што ќе го зголемиме и стандардот на граѓаните“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Иако дел од дилемите се расчистија и редовните избори се посакуваната опција за власта, сепак во еден дел од владиниот кабинет се појавува разногласие. Министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, денеска децидно кажа дека е за предвремени избори.

Тој во Владата влезе како кадар на коалицискиот партнер Вреди, но веќе дефинитивно е дека се разидува со нив. Порача дека повеќе не е дел од коалицијата која наскоро прераснува во еден политички субјект во албанскиот блок.

„Сите сме за предвремени избори освен Влен. Сум за предвремени избори бидејќи оттука потекнува и вистинската демократија“, кажа Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади. 

Социјалдемократите во изјавата на премиерот Мицкоски сепак гледаат најава за изборно соочување, а не погрешно протолкувани зборови. Според опозициската партија, на власта ѝ се брза за избори затоа што бизнис шемите набрзо ќе бидат под лупа.

„Со падот на неговиот пријател Виктор Орбан, почнува распадот на криминалната мрежа што со години ја градеа во регионот. Во Унгарија веќе се најавуваат истраги кои ќе стигнат до Мицкоски и неговиот „голем брат“ Вучиќ. Сите братски бизнис шеми наскоро ќе бидат под лупа. Коалицијата му се распаѓа, пратеници го напуштаат мнозинството разочарани. И кога нема резултати, кога нема пари и кога нема решение – нападни ја опозицијата и создавај тензии, тоа е рецептот на Мицкоски“, рече Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ. 

Во албанскиот опозициски блок, Алијансата за Албанците предводена од Арбен Таравари побара Собранието да распише предвремени избори, со реториката дека за Албанците, изборите се единствениот спас од Вреди. Оценуваат дека власта нема политички капацитети, а трпат граѓаните – со високи цени, ниски плати и безнадежна иднина.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе