Вести Македонија Топ вести

Станишљевиќ од „Здрава котлина“: Рудниците се трајни загадувачи, наместо „брзо копање“ државата да се сврти кон земјоделството

„Секој рудник е голем загадувач, а кај рудниците за метали ситуацијата е страшна. Опасниот отпад останува трајно на локалното население, дури и откако рудникот ќе престане со работа“, предупредува Горан Станишљевиќ од граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ во емисијата на Телма „Директно“.

Тој изрази сериозна загриженост и остар протест против најавените законски измени кои се носат
по скратена постапка, а кои имаат за цел да го олеснат и забрзаат процесот на отворање нови рудници во земјата.

Според Станишљевиќ, обидот преку ноќ да се донесат измени во законот за минерални суровини сугерира дека некому му се брза „преку ред“ да ги реализира своите бизнис интереси, занемарувајќи ги долгорочните последици за животната средина.

„Она што сакаат да го постигнат е кратење на времето. Велат дека тоа е за поефикасно управување, но кога некому ќе му дозволите да копа и да уништува, тоа е ‘ефикасно’ само за профитот, а не за народот“, вели тој.

Станишљевиќ прави јасна дистинкција меѓу различните видови ископувања. Додека рудниците за неметали (мермер, песок, фелдспат) имаат локализирани проблеми како прашина, рудниците за метали ги карактеризира како деструктивни по природата и здравјето.

„Покрај девастацијата на природата и уништувањето на земјиштето, овие рудници произведуваат огромни количини на опасен отпад. Тој отпад останува трајно кај локалното население. Кога рудникот ќе заврши со работа, сопствениците ќе си заминат, а јаловиштето, кое мора постојано да се одржува, останува на товар на локалната власт и граѓаните“, објаснува тој.

И силно ја оспорува тезата дека рудниците се единствениот економски спас за Македонија.

Станишљевиќ прашува зошто ни е потребна „таа пропаст“ ако македонската економија веќе бележи раст и без нови рудници.

Како алтернатива и логичен пат за развој, тој го посочува земјоделството – сектор во кој Македонија има традиција, но во моментов парадоксално увезува храна.

„Македонија е позната по земјоделските производи, а ние увезуваме храна. Тука е полето каде што владата треба да се активира – да направиме нешто за да извезуваме храна, наместо да ги форсираме рудниците. Има толку многу други гранки во економијата што можеме да ги поттикнеме“, заклучува Станишљевиќ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Институциите да го истражат скандалот со бугарската фирма на Јанушев

Дејан Дејан

Сенатoт побара од Трамп да ја запре војната во Иран, тој одговори: одлуката е безначајна и лошо темпирана

Дејан Дејан

Вечерва ќе се запали фестивалскиот оган – почнуваат Струшките вечери на поезијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе