Код Македонија

КОД: Мал хотел поврзан со семејството на Сејдини од ФФМ бил главно сместување за млади фудбалери и судии на семинари

Од март 2019-та до декември 2024-та или за мандат од речиси 70 месеци, првиот човек на Фудбалска федерација на име на плати и хонорари заработил околу 372 илјади евра, потврдија за КОД од ФФМ. Двеста педесет две илјади евра биле надоместок за извршување на функцијата, а 120 илјади евра биле исплатени за хонорари на Сејдини. Кога бројката ќе се подели излегува дека Сејдини месечно заработувал по 5. 314 евра нето. На тоа ФФМ плаќало даноци и придонеси за својот прв човек кој си поднесе оставка и замина од куќата на фудбалот во декември 2024-та.

За платите не може да одговара, но за двојно поголемиот аванс даден на фирмата Енергоинвест без никаква законска основа е под истрага и се наоќа во притвор. Во месецот меѓу неговата оставка и конечното заминување, операцијата за изградба на трибина во Охрид поминала од прибирање понуди, преку евалуација на проектот до потпис и исплата на 660 илјади евра без банкарска гаранција. Тоа според обвинителството е основа за истрага за дело проневера на служба. ФФМ го прекинало договорот со фирмата, си ги бара парите назад бидејќи ништо не било направено, но избраната фирма им одговорила со писмо.

Муамед Мети Сејдини е во притвор во Шутка, а неговиот адвокат Гоце Ристески ни кажа дека уште не добил одговор на неговата жалба со која се бара укинување и промена на затворскиот притвор за неговиот клиент. Одбраната чека да ги види доказите во предметот за да се изјасни осомничениот Сејдини, ни рече адвокатот за оваа истрага која е на самиот старт.

Други кривични пријави нема, но, како што КОД веќе објави во Федерацијата има други проверки и анализи, внатрешна истрага за трошењето на екс претседателот Сејдини.

КОД во минатотото издание објави шема која е под истрага, но без кривична пријава за средства со кои е купен хотелот Куќата на уметноста во кичевско Кнежино. Финасиското разузнавање по пријави на банки утврдило серија позјамици во кус рок, поврзани трансакции кои почнуваат од ФФМ и завршуваат со купување на хотелот од фирмата Тајмиште во стечај. Истрагата е отворена уште пред 6 години, ама нема разрешница. Хотелот „Куќата на уметноста“ многу често бил изнајмуван од ФФМ во мандатот на Сејдини, а од април 2024-та, половина сопственост од  хотелот има и зетот на Сејдини.

Вкупно според податоците кои ги добивме од ФФМ, за сместување за потребите на Федерацијата, биле потпишани и платени 1.081.445 евра. Најмногу биле исплатени во последната година од мандатот на Сејдини во ФФМ, над 400 илјади евра.

Во таа година ако се подели сумата на пансиони во хотелот кои чинеле например по 50 евра за еден млад фудбалер или судија на семинар тогаш излегува дека во 2024-та, Куќата на фудбалот платила на куќата на уметноста- 8.045 пансионски денови. Или тоа значи дека секој ден во таа година имало по најмалку 22-ца сместени во хотелот по налог од ФФМ.

Повеќе од половина година, Сејдини потпишувал исплати на хотелот чиј сопственик е негов зет, а претходно сопственик бил вработен на Федерацијата, но пред парламентарните избори со нотарски договор му ја подарил половината од хотелот на зетот на својот шеф.

Дополнително на друга фирма, која е во сопственост на лице од сопственичко-управителската структура на Куќа на уметноста, ФФМ набавувало и храна за учесниците на фудбаслката Академија на ФФМ. За 4 години, ФФМ исплатило околу милион и двесте илјади евра за храна и оброци од фирмата која сопственички е поврзана со кичевскиот хотел.

Од ФФМ велат дека одлуките за Куќата на уметноста биле носени од претходниот претседател и Управниот одбор во тоа време.

Сејдини е од Зајас, во општина Кичево, па меѓу многуте сомнителни зделки била и реконструкцијата на трибината на стадионот во тој град. Сега е прекинат бидејќи имало исплати на аванс кој сепак е вратен, но и пари за испумпување на подземни води кои ги немало.

Сејдини кој е во притвор по една истрага, во моментот е под казна од ФФМ. Таа поради малверзациите со стадионот Билјанини извори во Охрид му изрече казна- двегодишна забрана за вршење на фудбалски активности и функции. Но, таа дисциплинска постапка сега стана кривична во која 660 илјади евра се исплатени, а нема резултати од нив.

Миомир Серафиновиќ

Истражувањето беше прикажано во емисијата КОД, на 03.05.2026. на ТВ Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“

Дејан Дејан

Почина познатиот македонски специјалист радиолог д-р Душан Јовановски

Дејан Дејан

Стартот на судењето за злоупотреби во РЕК Битола и Марковски се одложи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе