Вести Македонија

Сиљановска-Давкова на Самитот во Ереван: Енергетската и инфраструктурната поврзаност се клуч за стабилна и безбедна Европа

Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамките на учеството на 8. Самит на Европската политичка заедница, што се одржува во Ереван, Ерменија, денеска се обрати на тркалезната маса на тема „Зајакнување на поврзаноста и економската безбедност во контекст на зелената транзиција“.

Таа оцени дека актуелните глобални конфликти и енергетски турбуленции создаваат сериозни ризици за енергетската стабилност, при што, особено ранливи се малите држави.

За Сиљановска-Давкова, енергетската поврзаност не е само економско прашање, туку и безбедносен национален, регионален и европски приоритет.

Таа смета дека најголемите пречки за енергетската поврзаност на Западниот Балкан немаат технички туку политички карактер.

Според неа, билатералните спорови и (зло)употребата на ветото предизвикуваат поголема штета на регионалната поврзаност отколку каков било недостиг од инфраструктура. „Секој замрзнат процес на интеграција значи замрзната инвестиција и иднина“, рече претседателката.

Сиљановска-Давкова констатираше дека земјите од регионот поединечно имаат ограничени капацитети, но преку заедничко дејствување можат да станат вреден европски партнер. Заедничката инфраструктура создава заемни интереси и меѓузависност на државите, што пак, влијае врз намалувањето на ризикот од конфликти и поголемата отпорност на трети страни.

Наместо концентрирана енергетска зависност, за Сиљановска-Давкова потребна е диверзификација преку нови и алтернативни енергетски коридори и поврзување со различни извори, вклучително и од Западен Балкан и Каспискиот регион.

Во обраќањето, таа укажа дека зелената транзиција и енергетската безбедност се дел од ист стратешки проект и дека обновливите извори на енергија се клучни за поголема независност и стабилност.

Со тркалезната маса претседаваа премиерите на Хрватска и Норвешка, Андреј Пленковиќ и Јонас Гар Шторе. Во дискусијата учествуваа заменик-претседателот на Турција, премиерите на Белгија, Канада, Грузија, Словачка, генералниот секретар на ОБСЕ, како и претседателката на Европската комисија.

Сиљановска-Давкова: Европската интеграција на Западен Балкан е предуслов за ефикасна борба против трговијата со дрога

 

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Ереван учествуваше на панел-дискусијата организирана од страна на францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, во рамките на активностите на Европската коалиција против дрогата (ECAD).

Во обраќањето, претседателката истакна дека Западен Балкан претставува транзитна зона за трговијата со дрога, нагласувајќи ја сериозноста на овој предизвик и опасноста од влијание на таканаречените „трети актери“. Таа посочи дека не смее да се потцени растечката улога на нарко структурите во економијата, политиката и општеството. Предупреди дека криминалните мрежи стекнуваат моќ да влијаат врз партиските и политичките процеси и институции.

„Неопходно е Европската Унија да ја преиспита својата политика на проширување низ призма на Западен Балкан, имајќи ја предвид безбедносната димензија“, истакна Сиљановска-Давкова.

Таа потенцираше дека интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ може да биде добар пример на превентивна, наместо реактивна европска политика. Според неа, опасно е тоа што во трговијата со дрога се именува како “modus operandi” да прерасне во “modus vivendi”.

Претседателката, на крајот потсети дека европската политичка и безбедносна архитектура е неразделна од балканската.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“

Дејан Дејан

Почина познатиот македонски специјалист радиолог д-р Душан Јовановски

Дејан Дејан

Стартот на судењето за злоупотреби во РЕК Битола и Марковски се одложи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе