Обраќајќи се пред медиумите во Њујорк, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди на драматично влошување на ситуацијата на Блискиот Исток, додека Израел и САД продолжуваат да го бомбардираат Иран, а Техеран спроведува напади врз соседните земји од Заливот и им се заканува на бродовите што ги смета за непријателски да го користат клучниот Ормутски Теснец.
„Секој ден додека оваа војна продолжува, човечкото страдање расте. Размерите на разурнувањето растат. Неселективните напади се зголемуваат,“ изјави Гутереш, нагласувајќи дека таргетирањето на цивили и цивилна инфраструктура, како и општите ризици за светската економија – особено за најранливите општества кои зависат од увоз на енергија – се зголемуваат секојдневно.
Гутереш потенцираше дека последиците од кризата повеќе не се ограничени само на регионот, посочувајќи конкретно на сериозните нарушувања поврзани со слободата на навигација.
„Кога Ормутскиот Теснец е задушен, најсиромашните и најранливите во светот не можат да дишат,“ предупреди Генералниот Секретар на ОН.
Тој додаде дека последиците веќе се видливи „во секојдневниот живот на луѓето кои се борат со растечките цени на храната и енергијата – од Филипините, преку Шри Ланка до Мозамбик“.
Директно обраќајќи им се на страните во конфликтот, генералниот секретар изјави:
„До САД и Израел – време е да се запре војната која предизвикува огромно човечко страдање и веќе создава разорни економски последици.“
Иран, продолжи тој, мора да престане со нападите врз своите соседи.
Повторувајќи дека Советот за безбедност веќе ги осуди овие напади и ја потврди потребата од почитување на правото на навигација по клучните поморски рути, првиот човек на ОН ги потсети светските лидери дека моќта да се стави крај на кризата е во нивни раце.
„Конфликтите не завршуваат сами од себе. Тие завршуваат кога лидерите избираат дијалог наместо уништување. Тој избор сè уште постои. И мора да се направи – сега.“ – порача Генералниот секретар на Светската организација.
