Груби рано утрово се појавил пеш на граничниот премин Блаце кон Косово, по што е уапсен по меѓународната потерница распишана по него.
Од државата замина во првата половина на декември 2024-та година пред да биде отворена истрагата против него и уште седум лица за случајот Државна Лотарија.
Скопското обвинителство го товари дека како вицепремиер ја водел седницата на влада на која ги предложил и подготвил одлуките за кои се надлежни Управниот и Надзорниот одбор на Лотаријата.
Според првичните соопштенија, во случајот е направена материјална штета од над 8 милиони евра.
Груби веќе беше избеган од државата кога обвинителството ја отвори истрагата. Сознанијата беа дека се крие во Албанија каде има и стан, но не беше ниту фатен, ниту испорачан.
Утрово се појави на граничниот премин Блаце, истиот премин на кој помина пред 14 месеци кога го почна бегството.
Сместен е во притворска келија во затворот во Шутка каде бил предаден утрово во 9:20 часот односно три часа по апсењето.
Извршен му е лекарски преглед и е сместен во келија заедно со уште еден притвореник.
Притворот му беше определен додека беше во бегство по што има можност да бара нова одлука на судот. Обвинителството сега има можност да му земе изјава на распит.
Груби заедно со поранешниот директор на Државна Лотарија, Перпарим Бајрами кој исто така е во бегство, се осомничени за кривично дело проневера во служба за што се предвидени затворски казни и до 10 години.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.
