По трет пат во последните 15 години, собранието го продолжи рокот за легализација на диво изградените објекти. Овојпат општините добија уште пет години, до март 2031 година да ги завршат предметите кои се во постапка за легализација. Измените се на иницијатива на ЗЕЛС, а на предлог на неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од Левица реагираа дека со ова се стимулира изградбата на дивоградби. Од СДСМ, пак, посочија дека проблемот е резултат на нефункционирањето на постоечкиот систем и побараа реформи во урбанистичкото планирање.
„Треба да се размислува генерално околу системот на урбанистичко планирање, системот за градење кој нема да зависи од волјата на поединци на локално ниво и добро е притоа да се земат искуства од други земји. На пример, Грција каде имаат само генерални урбанистички планови, не детални, и законот дефинира каде може да се гради“, рече Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ.
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил рече дека законот нема да ги спречи дивоградбите и дека и понатаму ќе се гради бесправно и ќе се аплицира за легализација. На ова, пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ побара, поради незнаење, да не ги доведува во заблуда граѓаните кои би можеле да помислат дека и сега можат да аплицираат за легализација на дивоградба.
Од владеачкото мнозинство уверуваа дека не се работи за нов процес за легализација, бидејќи се работи за објекти изградени до 2011 година и се со цел да не се прекинат илјадници предмети кои се наоѓаат во различни фази на постапка.
Иницијативата во ЗЕЛС беше покрената од Општина Битола, каде голем дел од постапките не биле завршени поради водење на судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти, поради наследни и други имотно-правни и други околности.
Во моментов во постапка се илјадници незавршени предмети. Во Општина Аеродром од вкупно 10.000 барања, незавршени се 4.000, во Центар биле поднесени 7.100 барања, а во постапка се уште 1.500. Во Сарај, од 9.971 предмет, за решавање се уште 4.623 предмети. Во Карпош, од 12.688 барања, во постапка се 3.261 барање.
Далиборка Демјанска Цветановска
