Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски кој вчера единствено доби едногласно негативно мислење од Советот на јавни обвинители и на својот фејсбук-профил најави кривична пријава, формално нема да ја поднесе, туку очекува институциите по допрен глас да реагираат.
Во објава на Фејсбук, Панчевски тврди дека членовите на Советот ја искористиле службената положба и ги пречекориле законските овластувања спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство.
Тој ја повика Владата да ја поништи постапката, посочувајќи дека Советот нема надлежност да врши автентично толкување на закони, туку само да ги применува.
Советот на јавни обвинители вчера одлучи дека Панчевски не ги исполнува условите од најмалку 10 години работен стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.
Во меѓувреме, Панчевски објави документ од Основниот кривичен суд Скопје, според кој тој бил судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година.
Според потврдата, тој има стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена – што, како што тврди, директно ги побива констатациите на Советот.
Позитивно мислење од советот за иден јавен обвинител добија четворицата други кандидати, од кои што собранието со мнозинство треба да го избере заменикот на Љупчо Коцевски.
