Во континуитет размислувам за тоа на кој начин да им се приближи уметноста на младите луѓе, кои се местата на кои тие најчесто се среќаваат, кои се новите форми низ кои можете да ја приближите уметноста без притоа да имаат чувство дека нешто ги подучувате и тоа беше појдовната точка делата на Петар Хаџи Бошков да бидат изложени во еден мол. И тоа се места каде има проток на илјада луѓе во текот на неделата, кои не одат толку често во музеи и галерии, вели Игор Хаџи Бошков.
„Со други зборови иницијативата се вика „Донеси ја уметноста помеѓу луѓето, наместо луѓето меѓу уметноста“. Од причина што музеите се послабо посетени, особено од помладите луѓе, јас се одлучив да ги донесам делата во Дајмонд мол. И јас како куратор и сопственик на делата на Петар Хаџи Бошков да ги изложувам на не толку конвенционални места“, изјави Игор Хаџи Бошков, син на Петар Хаџи Бошков и куратор на изложбата.
На овој проект претходеше изложбата во 2021 година кога за прв пат во историјата на нашата ликовна сцена дела создадени за затворен беа изложени на отворен простор. На археолошкиот локалитет Стоби на 24 локации, 40-тина дела на истакнатиот скулптор Петар Хаџи Бошков ја разоткриваа врската меѓу античката и модерната уметност. Денес минувачите имаа можност да видат четири дела меѓу кои и копија на делото „Расцутување“, скулптура која македонската влада во 1997 година ја подари на Европскиот парламент во Стразбур и сè уште е изложена таму. За поетиката на просторот во кое е изложено едно дело и актуелниот миг говори и инсталацијата „Комуникација“.
Делата на Петар Хаџи Бошков ќе бидат изложени до 12 февруари.
Нина Стефанова
