Повторно се одложи судењето во случајот Талир 1 за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Освен партијата, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, како и поранешните партиски функционери Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски.
Бранителите побарале изземање на обвинителката Ленче Ристоска, затоа што сметаат дека нејзините конфликти со партијата влијаат на нејзината непристрасност.
Ристоска минатата недела поднесе тужба за клевета против ВМРО-ДПМНЕ и го пријави премиерот Христијан Мицкоски пред Советот за јавни обвинители дека со неговите изјави врши притисок и ја нарушува нејзината самостојност во работењето.
Таа смета дека постапува објективно, но го известила Републичкото јавно обвинителство за овие работи и побарала од обвинителството да заземе став, но досега нема одговор.
„Доколку јавен обвинител, кој е предмет на напади од обвинети лица и континуирано се напаѓа неговиот професионален интегритет, не биде заштитен од страна на институциите кои се надлежни за такво нешто, тој е принуден самиот да се бори за заштита на својот углед и професионален интегритет и тоа нè доведува до една парадоксална ситуација, хипотетички тоа да биде основ за изземање на обвинителот и на таков начин обвинетите да ја исполнат целта, а тоа е обвинителот кој постапува во нивните предмети повеќе да не постапува“, изјави Ристоска.
Ристоска вели не е изненадена, затоа што ова е трето барање за нејзино изземање. Според неа, обвинетите очигледно не сакаат таа да биде обвинителка во случајот. Случајот Талир 1 се води во судовите од 2019.
Во меѓувреме, обвиненијата за Груевски и Божиновски за злоупотреба на службената положба, застареа, па за нив остана само обвинението за перење пари. Одбраната бара да се констатира застареност на обвинението и против партијата.
Срѓан Стојанчов
