Вести Македонија Топ вести

„Талир 1“ повторно одложен, обвинетите повторно бараат изземање на Ристоска

Sudenje Talir 29.01.2026 Lence Ristoska

Повторно се одложи судењето во случајот Талир 1 за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Освен партијата, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, како и поранешните партиски функционери Миле Јанакиески, Илија Димовски и Леко Ристовски.

Бранителите побарале изземање на обвинителката Ленче Ристоска, затоа што сметаат дека нејзините конфликти со партијата влијаат на нејзината непристрасност.

Ристоска минатата недела поднесе тужба за клевета против ВМРО-ДПМНЕ и го пријави премиерот Христијан Мицкоски пред Советот за јавни обвинители дека со неговите изјави врши притисок и ја нарушува нејзината самостојност во работењето.

Таа смета дека постапува објективно, но го известила Републичкото јавно обвинителство за овие работи и побарала од обвинителството да заземе став, но досега нема одговор.

„Доколку јавен обвинител, кој е предмет на напади од обвинети лица и континуирано се напаѓа неговиот професионален интегритет, не биде заштитен од страна на институциите кои се надлежни за такво нешто, тој е принуден самиот да се бори за заштита на својот углед и професионален интегритет и тоа нè доведува до една парадоксална ситуација, хипотетички тоа да биде основ за изземање на обвинителот и на таков начин обвинетите да ја исполнат целта, а тоа е обвинителот кој постапува во нивните предмети повеќе да не постапува“, изјави Ристоска.

Ристоска вели не е изненадена, затоа што ова е трето барање за нејзино изземање. Според неа, обвинетите очигледно не сакаат таа да биде обвинителка во случајот. Случајот Талир 1 се води во судовите од 2019.

Во меѓувреме, обвиненијата за Груевски и Божиновски за злоупотреба на службената положба, застареа, па за нив остана само обвинението за перење пари. Одбраната бара да се констатира застареност на обвинението и против партијата.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од среда стапува на сила забраната за движење во шумите

Дејан Дејан

Мајката која го претепа тримесечното бебе претходно останала без родителските права за повеќе деца

Дејан Дејан

Одбележана 78 годишнината од прогонството на децата Македонци од егејскиот дел на Македонија – споменикот во Скопје вандализиран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе