Отворањето на дебата за тоа што треба да се смени во СДСМ, која треба да биде новата стратегија и каков треба да биде наративот, за политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, е позитивен чекор, но треба да продолжи низ инклузивна внатрепартиска дебата која треба да биде позитивна и да ја трансформира партијата. Вчерашниот Конгрес за него е чекор во вистински правец, но сепак е само еден чекор.
– Ние гледаме дека во моментов СДСМ се доста дефанзивни кон тие што повикуваат на реформи, дури претседателот вчера користеше и остар јазик -кој не е со нас, нека си замине, мислам дека тоа е ризично и е попаментно да ги слушнат критиките и да ги процесираат низ внатре-партиски дебата. СДСМ како и сите леви партии се соочуваат со проблем на еден перформанс, на еден зарибан мотор и не може дебатата да се сведе само на промена на возачот, туку и на тоа, како да го сменат партискиот мотор кој очигледно закажал на последните избори, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Арсовски е убеден дека ќе се појават и други лица во партијата кои ќе бараат реформи во СДСМ, дека тој процес не е завршен и зависи од две варијабли.
– Една е дали критиките ќе бидат добронемерни или политички мотивирани и второ, кој ќе биде капацитетот на раководството да ги слушне тие критики и да ги процесира внатре во партијата. Јас мислам дека постои можност да се смират тензиите, но постои и можност за дополнителна дезинтеграција. Ќе се појават уште дисиденстки гласови и не би ја исклучил можноста некои од постарите членови да направат фраквија или нова политичка структура. Но, сепак, тоа е нормален процес во структурата на демократијата, додава Арсовски.
Што се однесува до тврдењата на Филипче, дека партијата од внатре ја разединува ВМРО ДПМНЕ, преку уцени и потплатување на нивни поранешни функционери, аналитичарот не е сигурен дека такво нешто се случува иако вели дека е „разбирливо што на политичките противници не им пречи што СДСМ се разединува, како што и на Социјалдемократите не им пречеше кога од ВМРО произлегуваа нови партии, како ВМРО Вистинска, Народна и слични„. Сигурен е дека тие тоа не го спречуваат, но дали и активно го стимулираат, вели, ќе покаже времето. Најголема закана за СДСМ во моментов, според него, не е владејачката партија, ниту партиското не-единство, туку партијата Левица.
Промени беа побарани и на вчерашниот Конгрес, на кој пет часа се дебатираше за внатре-партиските препукувања и за изборниот пораз.Во својот говор, пратеничката Славјанка Петровска предупреди дека ако партијата не почне да се менува постои ризик да исчезне од политичката сцена. За да се намалат внатрепартиското спротивставување и непристојните објави меѓу функционерите, таа дури предложи и воведување на политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на функции и членови на раководството.
Реафирмираното ново раководство вети дека сите предложени идеи ќе бидат анализирани и разгледани за понатамошни статутарни и програмски прилагодувања.
Далиборка Демјанска
