Вести Македонија Топ вести

Лажните лекари телефонски од почетокот на месецот се збогатиле за над 50 илјади евра – мета им биле пензионерите

„Ако сакаш да ја спасиш ќерка ти од тешка операција мора да ни оставиш 30 илјади евра во твојот двор“ – вака била измамена 86-годишната виничанка, која телефонски била контактирана од лажен доктор од Словенија. Исплашената жена веднаш извадила 30 илјади евра од својата банкарска сметка. Откако и ги зеле парите, таа се јавила на нејзината ќерка, и тогаш сфатила дека била измамена, по што случајот го пријавила во полиција.

„На 23.01.2026 во 08:50 часот во ОВР Виница, 86-годишна жена од Виница пријави дека била измамена од едно лице за сума од 30.000 евра. Според пријавеното, лицето ја контактирало телефонски, се претставило како лекар од Словенија  и ѝ кажало дека нејзината ќерка, која била на привремена работа во Словенија, се здобила со тешки телесни повреди и за да ја оперираат била потребна одредена сума на пари“ соопштуваат од ОВР Виница.

Лажните лекари од почетокот на месецот се збогатиле за над 50 илјади евра јавувајќи се на три пензионери од Виница, но и еден од Штип велејќи им дека нивните блиски имаат потреба од операција за која се потребни илјадници евра.  На 9-ти јануари со телефонски повик била прелажана 67-годишната пензионерка од Виница на која лекарот успеал да и земе 12.400 евра за операција на нејзината снаа. Во ист период мета на измама била и 77-годишна штипјанка на која и биле побарани пари за операција на нејзината сестра за да и се вгради шипка, додека на иста приказна бил излажан и 77-годишниот виничанец, на нив заедно им биле земени околу 20 илјади евра.

Телефонските измами од година во година стануваат еден од начините како измамниците да стигнат до брзи пари. Јавувајќи се на телефон и преставувајќи се како лажни лекари, полициски службеници, сопственици на згради или пак посредувачи на странски документи бараат сериозна парична цифра од жртвите за операции на нивни блиски, ослободување од кривичен прогон за сообраќајна несреќа на нивен близок, или можност за изработка на брзи документи за работа во странство.

„Ја парализираат од страв и цело време ѝ диктираат по мобилен – сега ќе фатиш такси, значи тоа се случува во Свети Николе, фаќаш такси, не смееш никому да кажеш, оти ако кажеш случајот пропаѓа, цело време додека таа е во таксито тие ја контролираат по мобилен. Не смееш да кажеш каде си, значи цело време ја контролираат до моментот до пристигнување“, раскажува анонимно  ќерката на оштетената од Свети Николе.

Изминатата година КОД направи истражување за измамите со лажни несреќи. Тогаш 70-годишната светиниколчанка била прелажана дека нејзините ќерка и внука направиле сообраќајна несреќа во која загинал мигрант, при што и побарале 60 илјади евра, а таа им ги дала 20 илјади евра кои ги штедела цел живот. МВР ја уапсило Бугарката на граничниот премин Деве Баир, и покрај тоа што била осомничена за две измами, на крај била условно осудена и протерана во Бугарија, без да одговара за другиот случај.

Во 2024 година биле регистрирани 24 вакви случаи, додека во 2025 година бројка е слична. МВР минатата година во ноември спроведе превентивна активност „Внимавај телефонски измами“ насочена кон повозрасната група на луѓе сè со цел да бидат информирани за ваквите видови на лажни измами преку телефон.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјотрес со јачина од 3 степени во Тетово и Гостивар

Дејан Дејан

Шасивари министер за правда, Сулејмани за култура – кои се предлозите на Влен за нови министри

Дејан Дејан

Македонскиот поп-пејач и композитор Владо Јаневски почина на 65-годишна возраст

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе