Вести Код Македонија Топ вести

Бугарска врска во измамите со лажни сообраќајки – измамничка уапсена, па протерана во Бугарија без да одговара

Osnoven sud kumanovo

Седумдесетгодишна жена од Свети Николе добива невообичаен повик од непознат телефонски број. Непознато машко лице ѝ се претставува како полициски инспектор и ѝ кажува дека нејзините ќерка и внука направиле сообраќајна несреќа во која загинал мигрант. Наводниот инспектор ѝ кажал дека ќерка ѝ е повредена и е во болница, и оти треба да му даде 60 илјади евра за да ја спаси од затвор.

За да биде приказната уште поуверлива, во позадина на разговорот се слуша непрепознатлив женски глас кој бара помош.

На жената, која и онака е растрчана на 100 страни, се грижи за домаќинство, трча по лекари и се грижи за болен сопруг, ѝ се пресекуваат нозете. Не размислува трезвено, но нема толку пари колку што ѝ бараат. Вели дека има 20 илјади евра кои цел живот ги штедела за стари денови. Наводниот инспектор прифаќа да заврши работа за тие пари. Ѝ дава инструкции да ги донесе пред Клиничкиот центар во Скопје

Нејзиниот случај ни го раскажа ќерката која наводно направила сообраќајка, но инсистираше на анонимност.

„Ја парализираат од страв и цело време ѝ диктираат по мобилен – сега ќе фатиш такси, значи тоа се случува во Свети Николе, фаќаш такси, не смееш никому да кажеш, оти ако кажеш случајот пропаѓа, цело време додека таа е во таксито тие ја контролираат по мобилен. Не смееш да кажеш каде си, значи цело време ја контролираат до моментот до пристигнување“, раскажува ќерката на оштетената.

Датумот е 29 ноември 2023 година. Додека во Спортскиот центар Борис Трајковски се одржува Самит на ОБСЕ, а македонската јавност е вознемирена од веста за исчезнување на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска, чиј живот, за неколку дена ќе се открие, веќе трагично завршил два дена претходно, жената од Свети Николе се обидува да си ја спаси ќерката.

Таксистот се паркира во кругот на Клиничкиот центар, а жената доаѓа на договореното место наспроти главниот влез, на местото каде што има пекарница и аптека. Ѝ приоѓа непозната жена, и ѝ се обраќа на нешто што ѝ се чинело како руско-украински акцент. Светиниколчанката таму ги предава парите.

Се вратила назад во Свети Николе, и според договореното, чекала повик од ќерката. Ѝ олеснило кога дознала дека немало никаква сообраќајка, но тогаш сфатила дека била измамена. Случајот го пријавила во полициска станица во Свети Николе. Инспекторите од таму повторно ја донеле во Скопје за да го пријави и во полициската станица Центар, со оглед на тоа што измамата била сторена во Скопје.

Оштетената кажала дека парите ѝ ги дала на жена висока околу 165 сантиметри со бел тен, која носела црна јакна и црна капа и зборувала со руско-украински акцент.

Полицијата тогаш соопшти дека претходната вечер во полициската станица во Свети Николе биле пријавени седум обиди за измама со лажни сообраќајки.

Н: Уапсена осомничена Бугарка, па протерана без да одговара. Од парите ни трага

Околу еден месец подоцна полицијата соопшти дека осомничената бугарска државјанка е уапсена на граничниот премин Деве Баир, по што била пренесена во СВР Куманово.Soopstenie MVR za uapsena Bugarka

„Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ – Сектор за општ и насилен криминал во соработка со СВР Куманово, СВР Скопје и ОВР Свети Николе расчисти две кривични дела „измама“ извршени на 29.11.2023 и 10.12.2023 врз две жени од Куманово и Свети Николе и ќе поднесе кривична пријава против В.Е.И.(58) од Република Бугарија поради сомнение дека ги извршила делата“, соопшти МВР на 4 јануари 2024 година.

Инспекторка од Свети Николе ја однела оштетената жена во Куманово каде што ја препознала измамничката.

Се работи за бугарската државјанка Емине Исметова Велиева од Велико Трново, родена во 1966 година. Она што е интересно е што и покрај тоа што паднала во рацете на полицијата, измамничката не го видела затворот од внатре. Од парите нема ниту трага.

И покрај тоа што беше соопштено дека е осомничена за две измами, осудена е само за една и протерана од Македонија.

За кривичното дело измама, за кое запретената казна е пониска од 5 години затвор, се води скратена постапка. За измамената кумановка за 10 илјади евра, кумановското обвинителство веднаш поднело обвинителен предлог против Велиева, а судија на претходна постапка ѝ определил мерки на претпазливост. Признала вина и била осудена една недела по апсењето. Ако ги врати парите нема да лежи затвор.  Osnoven sud Kumanovo

„За бугарската државјанка Емине Исметова Велиева од Велико Трново,  Република Бугарија се определени мерки за претпазливост од страна на Основен суд Куманово со решение К-ПП-6/24 од 04.01.2024 година и тоа обврска да се јавува секој понеделник, среда и петок во просториите на
Основен суд Куманово, како и забрана за употреба на лична карта за преминување на државна граница. Врз вака определените времени мерки поднесено е обвинение за кривично дело Измама по чл. 247 ст.3 во врска со ст.1 од КЗ, закажана расправа на која расправа обвинетата во целост ја призна вината, по што судот донесе пресуда на 10.01.2024 година, со која истата ја огласи за виновна и изрече казна затвор во траење од 1 година која нема да се изврши доколку обвинетата не стори ново кривично дело во рок од 3 години, а воедно како посебен услов ѝ наложи на обвинетата во рок од 6 месеци по правосилност на пресудата да ја врати имотната корист прибавена со оваа кривично дело на оштетената, определувајќи дека утврдената казна ќе се изврши ако обвинетата не ја изврши ваквата обврска во предвидениот рок“, велат во кумановскиот суд.

Обвинителството било незадоволно од пресудата и се жалело, но Апелациониот суд ја потврдил пресудата, која станала правосилна во октомври. Сè уште не се поминати шесте месеци за кои треба да ги врати парите.

Во МВР, пак, велат дека Велиева поминала 8 дена во притвор.

„Против лицето за кое прашувате, В.Е.И. од Република Бугарија, која беше приведена на ГП „Деве Баир“ на 03.01.2024, од страна на Одделот за криминалистичка полиција беше поднесена кривична пријава за кривично дело по член 247 ст.1 од КЗ. На истата, од страна на надлежен судија ѝ е одредена мерка притвор во траење од 8 дена по што била протерана од државата со мерка забрана за влез“, велат во МВР.

Сепак, кривичната пријава за измамата на жената од Свети Николе до скопското обвинителство била поднесена дури еден месец по апсењето, односно на 1 февруари 2024 година, 20 дена откако била осудена во Куманово и протерана од земјава со забрана за влез.

Жената од Свети Николе била повикана во скопското обвинителство дури во октомври, а со обвинителите разговарала во ноември, скоро цела година по апсењето на осомничената и протерувањето од земјава.

Во обвинителството велат дека пријавата е поднесена во редовна постапка, а моменталната достапност на лицето ја проверува МВР. Ваквите дела не ги водат како измама, туку како изнуда, затоа што и тие што ги дале парите ги дале со намера да платат мито за член од семејството да се спаси од затвор. За кривичното дело изнуда има построги казни кои се движат од 1 година затвор, па нагоре.

„Согласно околностите во конкретниот предмет, и покрај тоа што пријава е поднесена за кривично дело –  Измама, надлежниот јавен обвинител испитува обележја на кривичното дело – Изнуда. Имено, во конкретниот случај, со оглед на тоа што парите биле исплаќани за наводно влијание во постапка, односно дејствие за кое и оштетените биле свесни дека не би смеело да биде извршено, обележје на кривичното дело не може да бидат измамнички дејствија со кои е предизвикана заблуда преку лажно прикажување или со прикривање факти. Во конкретниот случај постои јасно изразена намера кај сторителката за себе или за друг да прибави противправна имотна корист со сериозна закана, злоупотребувајќи ја состојбата на шок кај оштетените, со што ги присилува да сторат нешто на штета на својот имот, што е обележје на изнудата како кривично дело. Согласно тоа, повеќето слични случаи, во зависност од конкретните околности, јавните обвинителства ги водат за кривично дело изнуда“, велат во Обвинителството.

Семејството прашува како може странска државјанка што била уапсена и идентификувана, да биде пуштена да си замине од државата.

„Кога е фатена, зошто не е постапено по нашата пријава. Значи е постапено по пријавата од случајот во Куманово, а не е постапено по нашата пријава? Зошто предметот бил во фиока еден месец, и каде бил и  дали чекале да се депортира? Дали зад ова има некаква позадина, кој направил пропуст и дали тоа е случаен пропуст? Затоа очекувам некој да го испита случајот како што треба, и ако ништо друго, барем да нè удостојат со соодветни одговори“, вели ќерката на оштетената.

КОД: Како се чувствувате со тоа што знаете дека полицијата ја имала, и потоа била пуштена?

„Тоа е многу болно, можеби и поболно од самиот чин на измамата“, вели ќерка на оштетената.

Измамите со лажни сообраќајки зачестија

Измамите со лажни сообраќајки на кои жртви најчесто се повозрасни луѓе, зачестија во изминатите два месеци. Речиси секоја недела полицијата информира за некој таков случај. Измамниците прво бараат десетици илјади евра, но се задоволуваат со колку имаат пензионерите.

Според статистиката на МВР, минатата година биле регистрирани 25 вакви настани од кои 15 во Скопје. Од почетокот на годинава, веќе има десетина.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно апелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани веднаш да пријават во полиција“, вели портпаролот на МВР Гоце Андреевски.

Мета на измамите во последниот период е Куманово. Лани таму биле регистрирани две вакви измами, а на крајот на јануари, само во еден ден тројца граѓани биле олеснети за меѓу 100 илјади денари и 2500 евра. Жртвите имале меѓу 66 и 83 години. Веќе на 1 февруари, 65-годишна кумановска останала без 30 илјади евра.

Кумановската полиција соопшти дека на 12 февруари уапсила бугарски државјанин осомничен за измамите.

На 6 февруари, 80-годишна скопјанка на ваков начин остана без 615 илјади денари, утредента нејзина 91-годишна сограѓанка биле измамена за 300 илјади денари, а 5 дена подоцна, 87-годишна жителка на главниот град била оштетена за 6 илјади евра. Пред десетина дена, 79-годишна жена од Скопје на вакви измамници им дала 270 илјади денари и златен накит.

Срѓан Стојанчов

 

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборот беше тежок поради квалитетот на кандидатите, тврди претседателката Силјановска за предлогот, Славески да биде нов гувернер

Дејан Дејан

Претседателката го предложи претседавачот Славески за гувернер на Народната банка

Дејан Дејан

Мицковски: Нека постапуваат надлежните за градбата во Прилеп

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе